Потпишани првите шест од вкупно 24 договори за диверзификација на фарми и развој на бизниси

(Oвој напис е објавен на: February 6, 2019)

Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска беа потпишани првите шест од вкупно 24 договори за мерката седум од ИПАРД 2 програмата, односно мерката за диверзификација на фарми и развој на бизниси.

Вкупната вредност на договорите е 7,7 милиони евра, а ќе се финансираат инвестиции во руралните средини. Има проекти доставени од Македонска Каменица, Крива Паланка, Маврово-Ростуше, Визбегово, Крушево…

– Меѓу овие 24 договори се проекти за изградба на фотонапонска централа, набавување на опрема за ветеринарна станица, опрема за производство на сокови, пчеларство, изградба на објекти за преработка на метал, за производство на мебел, изградба на рибници, изградба на објекти за производство на саден материјал за повеќегодишни растенија. Меѓу овие договори има и проекти за изградба и опремување на објекти и сместувачки капацитети за рурален туризам, изградба на производство на медицински помагала, изградба на домови за стари лица, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Во текот на неделава во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој ќе бидат потпишани и останатите договори.

Од друга страна, за мерката три од ИПАРД програмата што се однесува на преработувачките капацитети досега во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се пристигнати 65 апликации со побарани 15,9 милиони евра средства за нивно кофинансирање.

– Агенцијата веќе ги спроведува сите мерки за нивна обработка и за многу краток временски период ќе бидат известени сите апликанти за текот и евентуалните дополнувања на нивните апликации, изјави директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски.


 

a1on

 

Share Button