Прв „Пазар на локална храна“ во Битола

 

 

За прв пат во Битола  на 15 септември ќе се организира  „Пазар на локална храна“. Настанот го организираат Slow Food  Македонија и Slow Food   Битола во соработка со ЈП „Пазари “ Битола. Пазарот предвидено е да функционира на локација во Новиот пазар во Битола , секоја сабота во наредните три недели.

„Идејата за организирање на еден ваков пазар проникна од потребата на локалните производители  кои произведуваат органска храна,  оние мали производители што произведуваат храна на тадиционален начин да најдат пазр, односно полесно да го пласираат својот производ и да стигне  полесно до крајните потрошувачи“ изјави за Зелена берза Николче Николовски  од Slow Food  Битола.

Според информациите со кои располага Slow Food Битола, во овој регион функционираат околу 95 производители што се занимаваат со органско производство и над 40 производители кои произведуваат храна на традиционален начин како што се: сирење, изварка, месо, јајца, домати, пиперки и др.

„Разликата на овој од секојдневниот пазар е во тоа што селекцијата на производителите ја прави Slow food Bitola,  со за нас  познати производители на храна. При тоа им се дава предност на мали семејни производители кои произведуваат на  традиционален  начин и директно ги продаваат своите производи  на пазарот. Целта е да се воспостави  директна релација меѓу производителите и консументите , а со тоа  да се гради и  доверба  меѓу нив по однос на квалитетот на производите при што целокупната заработка ќе оди директно кај производителот “, објаснува Николовски.

Организатор на настанот е Slow Food  Битола како дел  од меѓународната организација Slow Food  во која членуваат 150 земји од цел свет кои се спротивставуваат на брзиот начин на живот и појавата на брза храна.

 

Павлина Јовановска

Зелена берза

 

 

Share Button