вестиТоп вести

Робин Худ или Олимпијци – методи на одредување на правилни количини ѓубриво

 

Дали некогаш сте слушнале за методите Робин Худ и Олимпици во земјоделското производство? Методи кои одредуваат колку и каде се вложува за постигнување на посакуваните резултати.

Поради временските услови, некаде веќе започнала прихраната на зимските посеви. Благата зима без снег, им овозможува на земјоделците влез во парцелата. Многу од нив знаат, дека навремената прихрана има големо влијание на приносите. Од друга страна, колку добро се познава примената на инпут на вистинско место? Поради варијацијата, главно поради земјините фактори и технологијата на управување, на производната површина последично се јавува варијабилност во растот и развојот на посевите. Во краен случај, тоа доведува до нееднаков принос во производната површина.

Секако, цел на секој земјоделец е да постигне што поголеми приноси со минимални трошоци. Пред се, поради високата цена на ѓубривата и средствата за заштита на растенијата.

Клучот се наоѓа во прецизната примена

На терен се користат различни методи за одредување на правилна количина на минерални ѓубрива за секое растение. Иако, цените на ѓубривата, десет години наназад, значително се зголемиле, земјоделците користат иста практична примена на инпутот како и пред десет години.

Со развојот на новата технологија, вложувањето може да се стави под целосна контрола. Кога правилно се контролираат количините на планираните, односно дадените минерални ѓубрива, доаѓа до значителни заштеди. На крајот, тоа се однесува на позитивно работење.

Клучот е во прецизната примена. Таа се темели на собрани податоци од раните производни години или во текот на производната година за време на вегетацијата. Денес, постојат различни уреди за собирање податоци од теренот. Некои од модерните уреди, односно алати се беспилотни летала, сателитски снимки, скенери на земјиштето, уреди за лабораториска анализа на земјиштето, мобилни временски станици, сензори за следење на потрошувачката на гориво, отпорноста на земјиштето, уреди за испитување на структурата на земјиштето, уреди за N-метода и друго.

Наведените уреди и алати не се исплатливи за малите стопанства. Според податоците за паметното земјоделство од Универзитетот Вагенинген, во Холандија, се наведува исплатливоста на користење на техниката на прецизно земјоделство, а исплатливоста зависи од профитабилноста на посевите и/или од големината на производната површина. Прецизното собирање податоци со модерни уреди се исплаќа на имотите кои имаат минимум пет хектари овоштарник/зеленчук/лозје додека кај маслодајните и индустриски растенија тоа изнесува 50 хектари, а кај житариците 90 – 100 хектари.

Малите стопанства може да побараат услуга за прецизна анализа на имотот, така што не се принудени на набавка на опрема. Покрај наведеното, земјоделците можат и без модерни уреди и алати да соберат прецизни податоци. Секако, тоа бара многу повеќе време и работа. Некои од методите се контрола на набивањето на почвата, проверка на структурата и визуелна проценка на хумусот на почвата, повеќекратна прошетка низ посевите за време на вегетацијата и бележење на варијацијата, евидентирање на варијациите во приносот кај комбинирање и друго. Прецизни податоци се добиваат само ако земјоделците користат еднакви методи на собирање податоци за одредени површини во повеќе наврати.

Метода Робин Худ

Со развојот на техниката на прецизно собирање податоци се развила и прецизна примена на минерални ѓубрива. Денес во пракса најчесто се користи прецизна прихрана кај житарици, маслодајни и кај некои растенија од групата на индустриски растенија.

За што всушност се работи? Едноставно, земјоделците ја користат методата Робин Худ. Методата името го добила по легендарниот јунак од средновековните британски приказни. На крајот од 19 век, Робин Худ станал симбол на социјалната правда. Иако не постојат точни податоци за вистинитоста на ликот, тој станал познат низ целиот свет. Јунак од Шервудската шума, во близина на Нотингем, одметник кој го земал пленот од богатите и им го давал на сиромашните.

Токму тоа се работи во полето. Како и кај луѓето, на производните површини има значајни варијации. Постојат богати делови, како и сиромашни според анализите на потенцијалниот принос. Со модерните техники на собирање податоци, се добиваат карти на варијабилни потенцијални приноси. Картите се користат за примена на ѓубриво на површината со помош на машини. На пример, таму каде што има повеќе азот, применетата количина се намалува и се додава таму каде што недостига. Истото важи и за останатите елементи. Целта на оваа метода е да се постигнат еднакви приноси по целата производна површина.

Едноставно речено, со Робин Худ методата се краде од богатиот дел на површината и се дава на оној дел каде тлото/посевот е пооскуден.

Метода на Олимпијци

Кај луѓето, во секоја група, се истакнуваат поединци кои се талентирани во одредена област. На пример, на училиште кога некој е талентиран за математика, со него се работи повеќе, затоа што се верува дека ќе се постигнат подобри резултати. Истото е и во спортот. Талентираните поединци одат на олимписки игри, што секако е сон на секој професионален спортист. Зад самиот пристап на некој натпревар, стојат многу часови работа. Од друга страна, кога некој не е талентиран за нешто, не е потребно да се форсира, затоа што и така нема да ги постигне очекуваните резултати.

Според Алан Пиз, мотивационен писател и говорник од Канада, само 5% луѓе се спремни да одат до крајните граници за да ги постигнат очекуваните резултати. Тие се олимпијци, независно во кое подрачје на работа се наоѓаат. Можат да бидат земјоделци, новинари, рибари, правници, претприемачи, спортисти, математичари итн. Веќе е добиена некаква слика.

Со Методот Олимпијци прецизно се додава повеќе храна на она подрачје на парцелите кое има поголем потенцијал за родност. Исто како што, на пример, во училиште се работи повеќе со оној што е талентиран за математика.

Исто така и во полето, се наоѓаат делови кои се олимпијци. Со оваа метода, едноставно се работи повеќе со деловите на парцелите кои ветуваат поголеми приноси. Секако, за да може да се одредат олимписките места на производната површина, потребно е да се спроведат некои од горенаведените методи и прецизни техники за собирање податоци. Кога би се набљудувале картите на приносот кај некои растенија, приносите во парцелата варираат. На пример, кај шеќерната репа приносите варираат од 0,2 тони/хектар до 243,3 тони/хектар. Тоа е пресметано според секој метар квадратен површина на остварена родност на посевот. Секако, моментално невозможно е да се постигне вака висок принос на целата површина. Овде се работи за потенцијална родност на поединечни делови во производната парцела.

Можеме да заклучиме дека, со методата на олимпијците прецизно се додава повеќе ѓубриво на оној дел од парцелата каде има потенцијално повисока родност. Во исто време, количината на инпутот се намалува на деловите кои немаат капацитет за висок принос.

Која метода е подобра?

Во развиените земји Робин Худ е најзастапен. Пристапот Олимпијци е во зачеток. Досегашните истражувања во Холандија, Белгија, Германија и Данска покажуваат дека приносите се зголемуваат кога се применува методата Олимпијци, а во исто време се заштедува на производните инпути. Она што ја прави поскапа примената на Олимпијци е набавката на специјализиран калибратор и управувачка програма.

Исто како и кај луѓето, така и во полето, потребно е повеќе да се работи со талентираните за некое потесно подрачје. Производните фактори во полето, битно се разликуваат. Така, за да биде производството поуспешно од економски и природен аспект, потребно е да се земат предвид варијациите во секоја парцела и посев.

Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close