
Празникот помина се очекуваат мерки за храната – во март инфлацијата 4,9 проценти
Мерките ќе се однесуваат на одредени групи на граѓани и на одредени производи главно основни прехранбени производи. Тие ќе бидат комбинирани со намалување на ДДВ-то и со ограничување на профитната маржа, изјави Мицкоски
По изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека по Велигденските празници ќе се носат мерки за храната, денеска се очекува тоа да се случи на владина седница.
Државниот завод за статистика пресмета инфлација од 4,9 проценти во март, а најголем скок има кај храната и пијалоците.
Минатата недела, премиерот Мицкоски изјави дека мерките ќе бидат таргетирани и комбинирани.
– Следните мерки на Владата ќе бидат потаргетирани и ќе се однесуваат на одредени групи на граѓани и на одредени производи главно основни прехранбени производи. Тие ќе бидат комбинирани со намалување на ДДВ-то и со ограничување на профитната маржа, изјави Мицкоски на 7 април.
Рече дека Владата е внимателна во носењето на мерките затоа што не се знае колку ќе трае кризата на Блискиот Исток.
Како резултат на кризата и растот на горивата, Владата донесе мерки за намалување на ДДВ-то за горива и намалување на акцизите.
Поради Велигденските празници, денеска се очекува со одлука за нови цени да излезе и Регулаторната комисија за енергетика.




