вести

Швајцарски грантови за современо земјоделство вдолж реката Струмица

(Oвој напис е објавен на: февруари 28, 2017)

Земјоделци од струмичко-радовишкиот регион ќе добијат грантови од Швајцарската агенција за развој и соработка за имплементирање на агроеколошки мерки, со кои ќе ги зголемат приносите но и ќе го заштитат сливното подрачје на реката Струмица. Станува збор за грантови што Швајцарија ќе ги додели во рамките на проектот за управување со сливот на Струмица „Вода за сите“, во кој се вклучени земјоделците чии површини се во непосредна близина на реката. Според планот, грантови во висина од 300 илјади денари ќе бидат доделени на дваесетина градинари од струмичко но и десетина овоштари од радовишко.

shvajcarski grantovi za sovremeno zemjodelstvo vdolzh rekata strumica

 

„Во моментов течат обуките и до крајот на годината ќе се знае кои фармери ќе добијат опрема како што се системи за микронаводнување, уреди за следење влажност во почвата, опрема за следење на појава на болести и штетници. На тој начин, очекуваме земјоделците да ги намалат производствените трошоци но и да се намали влијанието врз животната средина“, рече Димитрија Сековски од УНДП, што е имплементатор на проектот заедно со Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

Деновиве, делегација од Швајцарската агенција за развој и соработка предводена од заменик генералниот директор Елизабет Вон Каплер беше во посета на струмичко Добрејци, каде се информираа како течат обуките на земјоделците за имплементација на агроеколошките мерки за заштита на сливното подрачје на реката Струмица.

Инаку, проектот предвидува повеќе активности кои се во функција на заштита на реката Струмица од отпадни води, нејзино одржување и регулација со цел да се минимизираат поплавите од неа, но и да се користи како извор за наводнување на земјоделските површини. Проектот ќе се реализира во наредните шест години, а Швајцарската агенција за развој и соработка обезбеди околу три милиони франци за негово спроведување.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close