fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Цените на храната во светот да паѓаат, а кај нас сè уште растат?!

Во маркетите секојдневно има нови повисоки цени, а последниве денови се регистрирани нови незапаметени поскапувања досега.

Ограничените маржи досега не помогнаа многу да се стопира растот на цените. Во маркетите секојдневно има нови повисоки цени, а последниве денови се регистрирани нови незапаметени поскапувања досега. Се наметнува прашањето како е можно во услови кога во светот цените на храната паѓаат шести месец по ред, кај нас сè уште да растат. Од Сојузот на стопански комори велат дека не може цените на производите да се намалат во услови кога на берзите растат цените на сите суровини.

-На берзите растат цените на сите суровини кои се користат во производството на брашно, леб, масло за јадење. Кога ќе почнат да се намалуваат цените на суровините на берзите ќе почнат да се намалуваат и цените на крајните производи. Друг фактор е цената на струјата која сè уште е многу висока. Од државата добивме ветување дека ќе помогне, но се уште чекаме и не знаеме кога тоа ќе се случи, изјави за ВЕЧЕР Горан Ѓорѓиевски, претседател на Агро-бизнис комората.

И од Здружението за мелничко-прехранбена индустрија при Стопанската комора на Македонија се надеваат дека ќе плаќаат поевтина електрична енергија од сегашните 25 до 40 денари за киловат-час.

-Се надеваме дека со намалување на цената на струјата ќе се стабилизира и цената на лебот и белите печива, а во блиска иднина и ќе се намали. Цените не можат да се замрзнат од причина што енергенсите растат. Ако се замрзнат цените, ќе се соочиме со недостиг на храна, бидејќи голем број компании од прехранбената индустрија ќе престанат да работат, изјави за ВЕЧЕР, Горан Малишиќ претседател на  на Здружението за мелничко-прехранбена индустрија Малишиќ.

И производителите на млеко и млечни производи велат дека не може во услови кога растат производствените трошоци, цените да се намалуваат. Од друга страна нашите компании плаќаат далеку повисока цена на струјата од земјите во регионот, па доколку ги намалат цените ќе работат со загуби и ќе мора да ги затворат компаниите.

-Цената на производство е дефинирана од производствените трошоци. Кога растат трошоците, расте и цената. Во моментот, млекарите работат со загуба. Ваквата одлука уште повеќе ќе го отежне нивното работење. Има млекарници што се затвораат и не можат да ја издржат оваа ситуација. Оние што сè уште функционираат, земаат кредити за да преживеат. Ситуацијата е многу тешка. Од друга страна, и сточарите се во многу тешка состојба, ги затвораат фармите поради зголемените трошоци – изјави за ВЕЧЕР, Цветанка Стојановска-Пешовска, извршен директор на Здружението на производители и преработувачи на млеко „Знак за квалитет“.

Вели дека ваквите мерки се контрадикторни за бизнисот и може да доведат до намалување на производството на суровината – млекото, додава таа. Не може да се носи ваква одлука во услови кога цените на сите трошоци растат.

-Маржата е ограничена на 10 отсто, но не е замрзната цената. Тоа значи дека е ограничена заработката на трговците, а цената може да оди нагоре. Ограничените маржи нема да придонесат за намалување на цените на производите во маркетите, но може да го намалат производството на млеко, велат од Националната федерација на фармери.

Властите, пак, за сега против оваа криза се борат со ограничување на маржите, мерка која до сега и не помогна многу да се стопира растот на цените. Дали ќе се делува и со други механизми од Владата велат дека состојбата се следи и оти засега само се разговарала за други мерки.

-Разговаравме за одредени можеби неконвенцијални или непрактични мерки, а тоа е како евентуално преку интервенции да го прекинеме овој синџир на зголемување на цени. Една од мерките која најверојатно ќе ја дадеме, а тоа е сите производствени капацитети, особено во прехраната да влезат на регулираниот пазар со пониска цена на електрична енергија, со цел таа да не влијае дополнително на понатамошно зголемување на цените на производите, изјави Фатмир Битиќи, вицепремиер за европски прашања.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија(ОПМ) остануваат на барањето за замрзнати цените на производите, а не на маржите. Од март годинава постојано добиваат претставки од граѓаните кога влегуваат во супермаркети и реагираат на цените.https://www.vecer.press/

-Мерката замрзнати маржи се виде дека не даде ефект. Ние бараме да се замрзнат цените на основните производи како што е случајот во повеќе европски земји. Со тоа и потрошувачите ќе бидат сигурни дека цената нема да им се зголеми на дневно ниво. Кога ќе одат во маркет ќе знаат која е цената на одреден производ, а не постојано да бидат изненадувани од нови повисоки цени, вели за ВЕЧЕР Мартина Грнчаревска од ОПМ.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close