fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Солидарниот данок повлечен – кој чии интереси заштитува

Деловната заедница стравува дека за неа штетниот закон ќе се протурка со европско знаменце, а од Левица обвинуваат дека со спрега меѓу власта и дел од опозицијата ширум се отвораат вратите за создавање екстра профити на најбогатите странски инвеститори

Законите за даночните реформи се повлечени – за ДДВ, за добивка и за солидарниот данок, што предизвика противречни реакции. Од (полу)одобрување до целосна осуда.

Барањето на бизнис заедницата е прифатено од страна на Владата и до тука тие се задоволни. Затоа и продолжува инсистирањето на Стопанската комора за целосно стопирање на постапката, за низ заеднички договор да се дојде до прифатливо решение. Деловната заедница и понатаму се сомнева дека законите кои се повлечени без образложение од Министерството за финансии ќе се протуркаат со европското знаменце, а тие се против таквата паушална примена. Деновиве упатуваат апели да не се посегнува по такви инструменти. Тврдат – законот за данок на солидарност ќе му наштети на бизнисот, ќе ги демотивира странските инвеститори, а Владата нема да ја постигне целта.

Како што посочи претседателот на СКСМ, Брано Азески, тие не можат да штрајкуваат, па затоа нудат дијалог, за кој веруваат дека Владата ќе има слух.

За селективниот пристап на законот за солидарност укажа потпретседателот на Комората, Зоран Јовановски, зашто е наменет само за компаниите со приход од 10 милиони евра. Односно, ќе подлежат на тој данок без оглед дали добивката произлегува од пазарните услови или од зголемените инвестиции и продуктивност. Тоа, пак, ги дестимулира успешните компании.

Законот најмногу ќе удри по странските компании, смета извршниот директор на СКСМ, Антони Пешев. Освен тоа не е презентирана ниту програма за тоа што понатаму со прибраните пари по таа основа, каде и како ќе се употребат.

Од друга страна, има обвинувања од типот дека и понатаму се преземаат мерки за заштита на бизнисите.

Долго најавуваниот закон за данок на солидарност или данок на екстра профит, по бројни притисоци и барање на бизнис заедницата за негово повлекување и запирање, веќе е повлечен од собраниска процедура, реагираат од Левица. Притоа, наведуваат дека овој предлог закон иако требаше да биде донесен на почетокот од годинава, ВМРО-ДПМНЕ во соработка со СДСМ и ДУИ долго го чуваше во фиока и условуваше дека треба да се организираат јавни дебати, кои патем беа одржани уште пред да се достави.

„Обврска за плаќање на овој вид данок по стапка од 30 проценти беше предвидена за трговските друштва кои во 2022 година оствариле вкупен приход повисок од 10.000 евра и профит повисок за 20 насто од просечниот остварен во претходните години, со што би се слеале во буџетот дополнителни 76,5 милиони евра.

Иако овој предлог закон беше задоцнет, еднократен и недоволен, откако власта го најави, профитерите почнаа да ги приспособуваат расходите, односно да ги фризираат завршните сметки за 2022 година, за да го намалат или избегнат ова оданочување“, велат од Левица.

Воедно, укажуваат дека во земји-членки на ЕУ и во Велика Британија веќе се оданочуваат екстра профитите, но власта, заедно со ВМРО-ДПМНЕ секогаш ја застапува бизнис заедницата и ширум ги отвора вратите за создавање екстра профити на најбогатите странски инвеститори.

Оттаму сметаат дека праведно оданочување може да се обезбеди само со воведување на прогресивен данок.

Инаку, пресметките покажуваат дека со примената на солидарниот данок ќе се обезбедат дополнителни 90 милиони евра во државната каса. Средства кои ќе се наплатат од речиси 200 компании кои би биле опфатени со данокот за екстра профит.https://pari.com.mk/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close