fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Пречистителната станица во Мојанце, Кочанско, прави компост од тиња и слама и го продава

Компостот што го произведува станицата за пречистување на отпадните води на КЈП „Водовод“ од Кочани е внесен во Регистарот на производители на ѓубрива на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со што легално ќе почне да се продава како подобрувач на својствата на почвата.

На работилницата „Употреба на органско ѓубриво – компост во земјоделството“, што се одржа во Кочани, беше истакнато дека пречистителната станица кај кочанското село Мојанци е прва во државата која целосно ја искористува отпадната тиња од филтрирањето на водата и добива корисен продукт за земјоделското производство.

– Нашата станица е една од најголемите и најмодерните во државата, со голем број процеси за третирање на отпадните води, а крајна фаза е добивањето на компостот. Покрај тињата, се користи и сламата од оризот што се собира од полињата, па наместо да се пали по завршувањето на жетвата, сега има нова употребна вредност. Со тоа го заокружуваме целиот процес за пречистување и со него имаме нула отпад. За да се дојде до овој производ постапката за испитување на компостот почна од 2020 година, а од микробиолошките и физичко-хемиските лабораториски анализи добивме позитивни резултати  – истакна Радостина Стоилковска, раководителка на Станицата за пречистување на отпадните води.

Испитувањата на карактеристиките на компостот во изминатите четири години ги правеше лабораторијата за анализа на почви и ѓубрива на Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје.

– Во европски и светски рамки проблем претставува отпадот од пречистителните станици затоа што постојано се трупа огромна количина тиња, којашто има голема органска и енергетска вредност. Тресетот, односно компостот, таму се користи за подобрување на својствата на почвата со лош механички состав, односно за зголемување на содржината на органска материја и намалување на лепливоста на самата почва. Кај нас, Министерството за животна средина има правилник со кој се регулира за кои земјоделски култури, во кој временски период и колкаво количество треба да се користи од компостот добиен во пречистителните станици. Сето тоа зависи и од анализата на примероци од почвата – истакна Миле Маркоски, редовен професор на Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје.

https://www.vecer.press

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close