Србија утре воведува контрамерки за увоз на македонски производи

(Oвој напис е објавен на: March 6, 2018)

srbija

Србија утре воведува контрамерки за увоз на македонски производи, како реципроцитет за мерките што Македонија ги воведе со новиот правилник за увоз на брашно, кои српските производители сметаат дека го отежнуваат извозот.

-Не можеме веќе да чекаме. Освен купување на време, од нивна страна не видовме никаква подготвеност за решавање на проблемот, изјави српскиот министер за трговија Расим Љаиќ, за весникот Данас.

Тој во изјавата потсетува дека бил подготвен во петокот на 2 март да додје во Скопје, исто така и влера, за да разговара со претставниците на македонските власти за решавање на овој спор, поради, како што рече, нецаринските бариери за увоз на брашно во Македонија.

Тој истакнува дека нема да дојде во Скопје се додека не добие конкретен предлог за кој може да се разговара.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, минатата недела изјави дека Македонија eдинствено го променила редоследот на активности при увозот на брашно заради заштита на здравјето на граѓаните и дека ниту воведува нови давачки, ниту, пак, нецарински и нетарифни бариери.

Напротив, тој објасни дека давачките за увозниците се намалуваат – цената на контролните маркици од 1,5 на 0,2 денари  за брашно од 25 килограми.

– Контролните маркици се воведени на барање на увозниците и на домашната индустрија и со правилникот само се изедначуваат домашните производители со увозниците. Логично и нормално е прво да се направат анализите, а потоа да се пушти брашното во промет. Наместо да се лепат контролните маркици во Србија и брашното да стига  на граница со залепени контолни маркици и веднаш да се пушта во промет, сега ќе треба да биде складирано во магацините кои ги имаат регистрирано увозниците, а по проверките од АХВ да биде ставено во промет, појасни Николовски.

Правилникот што стапи во сила на 8 февруари предвидува контролни маркички на брашното да се ставаат по увезување на пратките и нивната контрола, а не пред да се реализира извозот во Македонија, предизвика реакции кај извозниците од Србија, а отиде до дотаму што деловната асоцијација на индустриски мелници, пекари и производители на тестенини „Житоунија“ од Нови Сад побара од министерот Љаиќ, српската влада да воведе реципрочни мерки за македонските производи што се увезуваат во Србија.

Според Законот за квалитет на земјоделски производи, „брашното може да се стави во промет ако е означено со контролна марка и ги исполнува условите за промет и за квалитет утврдени со овој закон“.

Ова е 13 пат во последните 7 години Србија и Македонија да се најдат во спор за брашното. Од Србија во Македонија годишно се извезува околу 40.000 до 50.000 тони брашно.


 

новатв