вестиТоп вести

Сточари се жалат дека не може да добијат потврда за предадено јагне од кланиците

Во период кога е при крај продолжениот рок за поднесување на Барање за дополнителни директни плаќања за предадено јагне во регистриран кланичен капацитет 2019, сточари од битолско се пожалија дека не може да извадат потврда за предадени јагниња во кланичен капацитет.

-Имаме потврда од ветеринар и ушни маркици, ама потврда не можеме да земеме од кланицата Серта во Кавадарци. Сто јагниња дадовме, ја имаме и потврдата за килажата, вели еден сточар од битолско.

Дополнителната субвенција за предадено јагне во регистриран клачничен капацитет е во висина од 400 ден. по грло што Владаа на државата ја одобри со цел да им се помогне на сточарите околу ниската откупна цена на јагнињата и да им се намалат загубите.

Откупувачите на јагниња се должни да издадат потврда за предадено јагне. Зелена берза за проблемот со потврдите се обрати во кланицата „Серта компани“ од Кавадарци.

-Сите со исправни документи добиле потврда, оние што немаат исправни документи не можам да им дадам потврда бидејќи кривично ќе одговарам, ни рече Ристо Михајлов директор на „Серта компани“  Кавадарци.

Добрите познавачи на состојбите велат дека во минатото имало многу неправилности, а се знае дека откупот на јагнињата е законски регулиран со приложување здравствена потврда од ветеринар, пасош за јагнињата и сл. Имало случки кога потврдата од ветеринар не се поклопува со пасошот, односно ушната маркица на јагнето.  Токму и заради вакви и слични проблеми  рокот за поднесување  барање е продолжен до 31 декември 2019 година.

Сточарите што сметаат дека имаат исправни документи, а не може да земат потврда од кланица, потребно е да се обратат во некоја од канцелариите на Министерството за земјоделство.

П.Јовановска

 

 

 

 

Слични написи

Back to top button
Close