Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Сточарите од Пелагонија на 30 септември излегуваат на протест

Сточарите си ги бараат субвенциите за млекото од јули 2025 година па наваму

 

Расте револтот кај сточарите за неисплатената премија за млекото од јули ланската година и кај поледелците за неисплатените субвенции по повеќе основи https://nezavisen.mk/stocharite-od-pelagonija-na-30-septemvri-izleguvaat-na-protest/.

Сточарите и земјоделците од Пелагонија денеска најавија протест за во среда (30 септември) од 11 часот на локација кај Тополчани кај млин „Осман“ на патот Битола-Прилеп. Протестот го организираат здруженијата на сточари и земјоделци „Пелагониско поле„ и „Фармери Југозапад“.

За млекото од јули 2025 години не се исплатени субвенции, а за пет дена ќе биде октомври 2026 година. Нема реакција од власта за намалениот откуп на млекото за цели 10 денари од страна на  млекарниците. Лани литар млеко беше и до 33 денари, а сега е 23 денари за литар. Како тргнала работата ќе падне и на 20 денари за литар колку шише вода во маркетите, реагираат сточарите.

„Протестот ќе биде во траење од час и половина, сточарите одиме на протест бидејќи за млеко немаме исплата од 2025 година. Досега требаше да бидеме исплатени и за првиот квартал од 2026 година. Но, се уште немаме пари за десет месеци. Го демантираме министерот Серафимовски кој кажува дека 90 проценти од субвенциите за 2025 се исплатени. Ние велиме дека нема исплата ни на 50 проценти од обврските кон земјоделците. Бараме за Програмата за 2027 година да бидеме вклучени во донесувањето на истата и по грло да бидеме исплатени по 250 евра од крава, а не како досега 8.000 илјади денари, кои беа намалени од 12.000 денари како што беше пред две години. Нека се спореди нашата Влада со Србија и нека види колку пари таму земаат сточарите. Ги покануваме сите да ни се придружат и министерот и пратениците кои можат да го пренесат гласот на селанецот, а и сите фирми со кои селанецот соработува“, изјави Борче Бучински сточар од пелагонија, од здружението „Пелагонско поле“.

Миле Кебакоски претседател на здружението„Фармери Југозапад“ вели дека имале обиди проблемите на земјоделците да се решат на маса во МЗШВ, но не успеале да оставарат состанок со надлежните, па сега вели – „Жал ми е што мораме да протестираме за нашите проблеми“.

Според познавачите на приликите државата на сточарите за 2025 година на име неисплатена премија за предадено сурово млеко им должи околу 600 милиони денари, а за првите месеци 2026 година околу 500 милиони.

На социјалните мрежи сточарите повикуваат сплотено „рамо до рамо“ да се излезе на масовен протест, но дел од нив коментираат дека –„90 проценти од сточарите се плашат да излезат, така што секоја чест на храбрите“.

Платежната агенција последно во март годинава, реализираше исплата на 269.947.935 денари кон 4.545 производители на млеко токму за периодот јануари – јуни 2025 година. Висината на премијата изнесуваше: 6 денари по литар за кравјо млеко и 7 денари по литар за овчо и козјо млеко.

Премија добиваат сточарите кои  минимално предаваат 300 литри млеко, месечно по земјоделско стопанство.

 

Што се однесува до субвенциите по грло тие се исплатени за 2025 година. Дури на крајот на август годинава, одгледувачите на говеда последни ги добија субвенциите по грло крава за 2025 година во висина од 8.000 илјади денари по грло говедо.

Исплатени им беа 372.201.760 денари на сметките на 4.284 сточари одгледувачи на крави. Претходно во август беа исплатени и одгледувачите на кози со сума од  85.784.580 денари за 1.159 одгледувачи на кози, додека во пролетта на 2.139 одгледувачи на овци им беа исплати 1.021.527.000 денари по грло овца.

Венцо Ангелов, сопственик на сточарската фарма „Хајди“ од Видовиште, Кочанско не памети дека субвенциите толку многу доценеле како сега овои години.

„Како што оваа година каснеа субвенциите, така никогаш повеќе да не се повтори. Субвенциите се битна капка крв за опстанок и развојот на сточарството и земјоделието. Само со зголемување на субвенциите и навремена исплата земјоделието и сточарството ќе оживеат во Македонија“, вели сточарот Ангелов.

Министерот за земјоделство, Борче Серафимовски изјави дека годинава се реализирани околу 90 проценти од средствата предвидени за финансиска поддршка во земјоделството, при што досега се исплатени околу 6,5 милијарди денари на име на субвенции за земјоделците.

Одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, Серафимовски истакна дека: „Земјоделците од државата очекуваат навремена исплата, а не нови оправдувања. Затоа, откако ја презедов функцијата на 13 јули оваа година, реализиравме седум одделни исплати во вкупен износ од 1 милијарда 227 милиони денари“, рече Серафимовски.

Според него, од вкупно 7.295 милијарди денари предвидени со Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година, досега се исплатени околу 6.512 милијарди денари.

„Тоа претставува фактичка готовинска реализација од околу 90 проценти. Зад овој процент стојат конкретни приходи на земјоделците, затворање на старите обврски и обезбедување средства за преостанатите мерки“, истакна Серафимовски.

Министерот посочи дека Владата работи и на расчистување на заостанатите обврски од претходните години.

За 2024 година, во системот имало неисплатени обврски уште од 2020 година.

Серафимовски најави и засилени контроли на доделените субвенции, нагласувајќи дека досегашните проверки откриле нереални приноси, неправилности кај дел од земјоделските стопанства и злоупотреби во сточарството.

„Нема да дозволиме парите на вистинските земјоделци да завршуваат кај ловците на субвенции. Секој денар од буџетот ќе следи за реално производство, а секоја утврдена злоупотреба ќе повлекува одговорност“, нагласи министеротдодавајќи дека засилената контрола не е насочена против земјоделците, туку во нивна заштита.

„Секој исплатен денар за непостоечка површина, нереален принос или грло што фактички не постои значи помалку средства за оние што навистина произведуваат“, рече министерот Серафимовски.

 

Анета Блажевска

Поврзани новости

Back to top button