fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Сушата во тетовско го „изеде“ родот

Тетовско гравче нема ни за лек

Фотографиите на тетовскиот зелен пазар сами по себе говорат во каква состојба е доведено земјоделието во тетовскиот регион. Ѓурѓа Андриевска од тетовско Блаце, село кое припаѓа под Општина Брвеница и Валентина Ристовска од Ратае, село во рамките на Општина Јегуновце, продаваат земјоделски продукти да ги изброиш на прсти, во кофи и по најлонски кеси, иако обработуваат ниви со површина од над 15 декари.

И двете велат, сушата ова лето си го зеде данокот.

Андриевска вели дека откако е мажена и дојдена кај нејзиниот сопруг да живее во село Блаце не памети ваква суша. Од тоа што го засадила, вели нема ни половина од родот да собере.

-Никаква е состојбата, кај компирот, пиперот, гравот и пченката се е катастрофа, ако нема вода нема ништо. Нема годинава ништо. Јас од кога сум мажена во Блаце, не паметам толку голема суша. Имаме јачмен, пченка, ама род од тоа нема да има ништо. Од една нива од два декара што ја засадивме со јачмен земавме 16 вреќи, годинава ако собереме едвај половина. Од пченицата нема ништо, луцерка само од првото косење собравме дваесет бали, друго нема ништо. Не заврна, не капна. Од луцерката нема ништо, а требаше да има двесте бали. Лани од пченицата од два декари ни излезе дваесет вреќи, сега само 10, се пожали Андриевска.

Проблемот вели е во тоа што во селото, но и во целиот атар каде има повеќе населени места каде се занимаваат со земјоделие, нема никаков  систем за наводнување.

-Немаме системи за наводнување тоа е проблемот, чекаме од Господ да заврне. Порано имаше некакви системи за наводнување, но тие повеќе од една деценија не се во функција, испокршени се и сега нема ништо. Ако заврне ќе има, ако не, нема ништо. Кога имаше систем сите се занимаваа со земјоделие, сега ретко кој се занимава со оваа дејност, додава Андриевска.

Дека проблемот со системите за наводнување е голем и го има во целиот Тетовски регион, говори и маката на Валентина Ристовска од село Ратае, кое од населеното место на Андриевска е оддалечено повеќе од 30 километри.

-Водата е најголем проблем. Годинава се нивите катастрофа. Грав нема да има и овошките се катастрофа, бадијала си засадил кога нема ништо  Многу слабо, скоро нема ништо, сушата си го прави своето. Имаме пченица, пченка, грав, домат и пипер. Околу 15 декари имаме засадено, ама род помалку од пола. Еве од гравот нема ништо само на една мешунка род, само за дома, за јадење. Нема во Ратае системи за наводнување, каналот кој беше за наводнување е катастрофа, фекалии течат низ него и не можеме да вадиме со тоа. Нешто што родило продаваме во некои кофи тука на пазарот, вели Ристовска.

Од АД „Водостопанство“ подружница Полог, велат дека се свесни оти системите за наводнување во Тетовско се во лоша состојба. Како што потенцираа од претпријатието, главен приоритет им е каналот за наводнување Радиовце – Бистрица од кој половина им е во функција, а останатиот дел од река Пена или поточно од Тетово се до Теарце треба да се реконструира.

-За таа цел одобрени се 8 милиони денари за чистење на каналот и за реконструкција на оштетени брани од самиот канал. Отворен е тендер кој треба да заврши за неколку дена и се очекува веднаш да се започне со работите на терен, рече Артон Бајрами раководител на АД „Водостопанство’ подружница Тетово.

Со чистење и реконструкција на каналот Радиовце – Бистрица се очекува во село Ратае, но и во околните населени места да се надмине проблемот со наводнувањето, а останатите села како Блаце и околината од тој дел на Тетовско, најверојатно ќе треба уште долго време да чекаат за вода, оти подземните системи за наводнување кои некогаш ги користеле, се во катастрофална состојба, а од АД „Водостопанство“ велат дека немаат пари за нивна реконструкција. Се надеваат на помош од Владата, од каде засега нема некои најави дека ќе се вложат средства за оваа цел.

 

Зоран Димовски за Зелена берза

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close