fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Шеќерот, лебот, зеленчукот, и посебно за маслото за јадење-Граѓаните загрижени oд поскапувањето на храната

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска деновиве изјави дека Инфлацијата во македонската економија останува умерена, слично на очекувањата за движењата во Европската Унија. 

Граѓаните се загрижени од поскапувањето на неколку намирници, меѓу кои се шеќерот, лебот, зеленчукот, и посебно за маслото за јадење кое достигна цена од 100 денари.

Велат дека ако досега штеделе за да го поминат месецот со малите плати и пензии, сега ќе биде уште полошо. Стравуваат дека цената на маслото за јадење ќе повлече и други поскапувања.

„Јас имам пензија од 16.000 денари, и парите не стигаат за ништо. Многу е скапо. Според оваа скапотија, имаше една анкета која вели дека луѓето треба да имаат редовни приходи од 25.000 до 30.000 денари за да преживеат. До први ми останаа уште 100 евра, но кога ќе платам сметки, до први нема да ми остане ништо. За младите колку е лошо ич да не зборувам, а за оние кои немаат работа, само тие си знаат како живеат. Мора да се качат платите и пензиите. Сум влегол во маркет, сум купил храна, сум потрошил 1.000 денари, и до први нема да имам пари“, вели Стојче Ивановски, граѓанин.

Цената на маслото за јадење скокна од 70 на 100 денари или цели 30 отсто за само неколку недели.

„Секако дека е скапо. Сѐ ќе поскапе сега. Досега не јадевме свинска маст, ама отсега ќе почнеме да јадеме“, вели Серафин Стефановиќ, граѓанин.

Проф. д-р Шекеринка Ивановска, декан на Факултетот за економија, на Меѓународен Славјански Универзитет објаснува дека веќе подолг временски период наназад нашата економија одржува ниска и стабилна инфлација.

„За 2020 година оваа стапка изнесуваше 1,2% и е во согланост со очекувањата.  За економските аналитичари и Народна Банка во поглед на очекувањата за стапката на инфлација во 2021 и 2022 година, се дека  ќе  изнесува 1,5% и 1,8% . Инфлацијата во македонската економија останува умерена и понатаму се држи под контрола. Тековните промени во раст на цените на одредени производи од базичната потрошувачка на населението, (прехранбената компонента) како и досега, не би предизвикале значителни нагорни притисоци врз цените на финалните производи. Очекувањата го потврдуваат одржувањето на ценовната стабилност“, вели Ивановска.

Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија вели дека синдикалната мининална кошничка за едно семејство од четири члена кое не поседува автомобил, и живее во куќа или стан од 50 квадрати чини 33.702 денари, и тоа се основните трошоци за да го помине месецот, главно за плаќање на сметки и храна. Со две минимални плати пак се јавува јаз од 3.000 до 4.000 денари за покривање на кошничката.

„Треба да се покачи минималната плата на 60 отсто од просечната плата, но и да има скалесто покачување на платите. Цените се качуваат, ние сега сме во ковид криза и работниците кои се заболени од оваа болест имаат потреба да купуваат витамини, суплементи, за што се трошат по 6.000 денари. Ако се стремиме за европски стандарди и вредности, минималната плата треба да изнесува 60 отсто од просечната, или во земјава минималецот треба да се зголеми на 16.976 денари, но и другите плати да се покачат“, рече Димовски. 

Весна Димитриевска, социолог кој долго време работи на тема општествена нееднаквост, за растот на цените вели дека таквите движења се случуваат, но државите имаат стратегии, преземаат социјални мерки со цел да го заштитат населението.

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска деновиве изјави дека Инфлацијата во македонската економија останува умерена, слично на очекувањата за движењата во Европската Унија.

Глобално храната поскапе поради намалено производство на одредени намирници, ковид кризата, сушите, за што алармираа од Обединетите нации.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close