fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Почина 26 годишен мотоциклист од с. Кравари, втора жртва за неколку дена на обновениот пат Битола-граничен премин Меџитлија

За период од две недели додека трае рехабилитацијата на патот Битола -Меџитлија, грчка граница се случаја четири сообраќајни несреќи од кои две со жртви

БИТОЛА – Почина 26 годишното момче од село Кравари кое пред една недела возејќи мотор доживеа тешка сообраќајка на патот во обнова Битола-граничен премин Меџитлија. Ова е втора жртва на патот за период од десет дена, откако на 16 септември во вечерните часови, 42 годишен маж излета со возилото од коловозот и почина на лице место. И двете жртви се жители на битолското село Кравари. Мештаните видно потресени велат дека ова се трагедии кои селото го завија во црно, страдаат млади сожители, кои оставаат дома деца сираци. По овие несреќи бараат ограничување на брзината на патот пред училиштето.

Лекарите една недела се бореа за животот на младиот мотоциклист по здобиените тешки телесни повреди при судир во автомобил. Поради сериозноста на повредите беше хоспитализиран на клиниките во Скопје, бил во кома со повреди на главата, а вчера почина.

„На 20.09.2023 во 20.22 часот во СВР Битола било пријавено дека во село Кравари, битолско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „рено“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Б.К.В.(45) од Битола и мотоцикл без регистарски ознаки, управуван од Т.К.(26) од село Кравари, кој потоа удрил во паркирано возило „опел“ со битолски регистарски ознаки, сопственост на О.К. од Кравари. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Клиничка болница Битола. Увидот на местото на несреќата извршила увидна екипа на СВР Битола.“, информира Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола.

Бурни се реакциите во битолската јавност за двете трагедии на патот кој е во рехабилитацијата и за кој важи времен режим на сигнализација.

И германската компанија „Кромберг и Шуберт“ чија фабрика на овој патен правец преку соопштение апелираат:

„Во овој период сеуште се извршуваат работни активности за реконструкција на патниот правец Битола – Меџитлија по кој што сите ние секојдневно се движиме и истиот е сеуште несоодветно обележан, а исто така и временските услови се менуваат. Поради тоа сакаме да упатиме апел до сите да се движиме и да возиме согласно моменталната ситуација на овој патен правец, најважно да прилагодиме и намалиме брзина, да внимаваме на возилата кои се движат од спротивен правец, да внимаваме на малку поставената сигнализација од страна на изведувачот. Подобро во овој период сите да тргнуваме малку порано или подобро да задоцниме до посакуваната дестинација, наместо да има поголеми штети или жртви.“

Апелот е испратен до МВР, Министерство за транспорт и врски, Јавното претпријатие за државни патишта и Општина Битола.

„Ги замолиме сите релевантни институции да се направи што побргу соодветна сигнализација и обележување на овој патен правец паралелно со изведувањето на активностите, да се преземат соодветни безбедносни мерки кои се пропишани за ваков тип на изведба, затоа што одговорноста се покажува преку грижата за најважните – луѓето!“, порачуваа од фабриката, бидејќи во голем дел од сообраќајките на овој патен правец учесници се нивни вработени.

И општина Битола испрати писмо до Јавното претпријатие за државни патишта со напомена да се преземат итни и неодложни мерки за безбедност на возачите бидејќи само на работа преку тој патен правец секој дена патуваат околу 6000 работници од ИЗ „Жабени“ Битола.

Од Општина Битола испратија известување до Јавното претпријатие за државни патишта во кое предочуваат дека „треба да се преземат итни и неопходни интервенции и корекции на висинските разлики, односно прилагодување на нивото на патот со банкините, поставување на соодветна сигнализација и обележување на патот.“, стои во реакцијата на Општина Битола.

А.Блажевска

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close