Тутунопроизводителите  не се задоволни од процената на тутунот од годинешната реколта

(Oвој напис е објавен на: November 29, 2018)

На нецели две недели од стартот на откупот на тутун од годинешната реколта се појавија и првите реакции од  тутунопроизводителите. Во редакцијата на Зелена берза се обратија производители со негодување дека проценителите им го  процениле  тутунот по многу ниски класи. Исто така бројни се реакциите на социјалните мрежи каде производителите го искажуваат својот револт и пишуваат дека просечната цена е многу помала од онаа што ја објавуваат надлежните.

Од Сојузот на тутунопроизводители потврдуваат дека има поплаки од страна на тутунопроизводители.

„Има поплаки од одредени компнии. Ние одиме на терен и се обидувма да им помогнеме. Некои компании велат дека тутунот е со послаб квалитет. Да оваа година тутунот е со послаб квалитет, но не е толку лош како што кажуваат откупувачите. Просечната откупна цена во текот на вчерашниот ден беше 208 ден“, рече за Зелена берза Кире Неделковски, претседател на Сојузот на тутунопроизводители во Р. Македонија.

Откупувачите  велат дека откупот тече со добра динамика, а по однос на квалитетот велат дека е со „среден квалитет“, ниту лош, ниту добар.

Од Сојузот на тутунопроизводители апелираат да се носи на откуп тутунот од повисоките берби бидејќи тој е подобар за манипулација и  е со подобар квалитет. Исто така велат дека доколку некој смета дека има тутун со подабар квалитет , а е проценет помалку, имаат право на второстепена комисија. Комисијата е составена од претсавник на Сојузот на тутунари, од откупувачот како и претставник од Министерството за земјоделство. Во рок од три дена од поднесокот за повторна проценка, комисијата е должна да направи нова процена.

Павлина Јовановска

Зелена берза