Вложени 33 милиони евра за модернизација и олеснување на животот на село

(Oвој напис е објавен на: March 3, 2017)

vlozheni 33 milioni evra za modernizacija i olesnuanje na zhivotot na selo

Изградба на канализации, локални патишта, но и инфраструктирни објекти, се само дел од проектите за кои се користени пари од програмата за рурален развој која годинава изнесуваше 33 милиони евра. Според Платежната агенција, за оваа намена се искористени неколку милиони евра, а над милион евра биле издвоени и за проекти за селски туризам. Останатите пари од програмата за рурален развој се користат за набавка на нови трактори, семиња или осовременување на штали и други објекти. Од таму објаснуваат дека најголемиот дел од средствата е искористен за инвестиции за модернизација во земјоделските стопанства, но и за помош за млади земјоделци за започнување земјоделска дејност. Според нив, секој што аплицира може да добие поврат на половина од парите што ги има вложено.

Највисока сума

Од Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој велат дека годинава највисока исплатена сума по поединечен проект за изградба на инфраструктурни објекти била 326.000 евра.

– Парите се искористени за изградба на патишта, канализации и други инвестиции за подобрување на животот во селата. Инвестициите се на целата територија на Македонија, а дел од овие пари завршил и во општините Прилеп, Босилово, Kарбинци, Валандово, Тетово, Радовиш. Но, има и во други места – велат во Агенцијата.

Од таму објаснуваат дека ако сте земјоделец и сакате да вложите пари за олеснување на секојдневните активности, веќе не мора да земате кредити. Според програмата, земјоделците првин аплицираат за намената за која сакаат да добијат половина од парите. Ако станува збор за трактор, на пример, кога ќе добие зелено светло од Агенцијата, земјоделецот го купува, а потоа му се враќаат половина од парите што ги дал за него.

Со програмата се опфатени речиси сите категории фармери. Така, сточарите може да бидат кофинансирани со најмногу 50 отсто од инвестицијата за набавка на висококвалитетен добиток. Пчеларите годинава ќе добијат и други поволности и освен тоа што ќе може да аплицираат за финансиска помош за набавка на пчелни матици, ќе може да покријат и 50 проценти од трошоците за набавка на опрема за пчеларство.

Пари и за инфраструктура

Годинава дел од парите се искористија и за модернизација на земјоделскиот сектор за изградба на јавна инфраструктура, како и за поддршка на економско здружување на земјоделските производители. Во Министерството за земјоделство велат дека во функција на помош на земјоделците е и Гарантниот фонд за обезбедување поевтини кредити. Во ресорот велат дека годинава млади земјоделци што имаа бизнис план и програма за реализација на инвестиција можеа да земат до 10 илјади евра. Лани од 143 поднесени апликации, 134 беа одобрени во оваа категорија. Годинава дел од парите се искористи и за изградба на инфраструктура на 100 пасишта за да се подобри и олесни транспортот. За ова се одобрени 1,2 милион евра.

Share Button