fbpx
Агро бизнисВестиВиноТоп вести

За неполна година регистрирани над 40 семејни винарии

Освен во Тиквешко, како познат вински регион, мали винарии се регистрирани и во Прилеп, Битола, Скопје, Куманово.

Повеќе од 40 мини винарници како мали семејни бизниси се регистрирани за неполна година. Освен во Тиквешко, како познат вински регион, мали винарии се регистрирани и во Прилеп, Битола, Скопје, Куманово.

Како што вели за МИА претседателот на Здружението „Тиквешки семејни винарии”, Горан Јаковлевски, во услови на КОВИД-пандемија, кога раздвиженоста на странски туристи е речиси минимална, се зголемува интересот за домашниот вински туризам и за посета на винариите.

-Се охрабривме да се регистрираме откако имаше законски олеснувања и создавање можности за излез на пазарот со сопствени производи од грозје во домашни услови. Но, освен нас, производителите на вино, ракија и жестоки пијалоци, во мини винарии, чии производи слободно можат да се најдат на сечија трпеза, во промет во продавници и угостителски објекти, се регистрираа и оние кои индивидуално се занимаваат со традиционално производство на маџун и ракија и можат да продаваат од куќен праг, истакнува Јаковлевски.

Секоја винарија, додава, има своја приказна, а кога доаѓаат гости да ја слушнат, максимално се почитуваат превентивните мерки за заштита од КОВИД.

-Доаѓаат домашни гости, се органзиираат дегустации. При еднодневна посета се дегустира во најмалку три различни винарии, но може и во пет. Се пробуваат најмалку шест различни вина, а на мени се и домашни ракија и вињак. Гостите се засладуваат и со маџун и рвенија, традиционално благо со маџун. За да не се дегустира на „голо”, имаме понуда од храна која оди со нашите вина и ракии. За домашните вински туристи главно сирења и кашкавали, домашен пинџур и слатко. За странците е интересно да пробаат македонски специјалитети како сукан баник, тие обично сакаат да учествуваат во подготовката на таквите ексклузивитети од поднебјето, открива Јаковлевски.

Претседателот на „Тиквешки семејни винарии” вели и дека веќе има интерес и од домашните туристички агенции, па одделни тур-оператори во своите понуди го вклучиле и винскиот туризам, нудат вински тури. Се нудат еднодневни, но и дводневни викенд тури низ семејни винарии во Кавадарци и Неготино. Се посетуваат винарниците, се дегустира во соби за дегустација, а можно е и ноќевање.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close