fbpx
ВестиТоп вести

Земјоделието е златна резерва за оној што умее

Се’ што имам постигнато во животот ми е од земјоделството. Го работам од задоволство, но дали ќе продолжат моите деца?… не знам,многу тешко, но јас ќе работам дури можам, ова се зборови  на Петар Димовски од с.Арвати Преспа.

Зелена берза го посети во неговиот дом каде што бевме пречекани според традиционален македонски  обичај со домашно слатко и вода. Петар е од многуте овоштари во Преспа кои на свој грб ги осетил и убавините и тешкотиите од земјоделската работа. Иако е вработен во земјоделска аптека, земјоделството го работи како дополнителна дејност и нема да се откаже од тоа. Како и секој Преспанец  се занимава со овоштарство претежно јаболка. Ги има на површина од 3 ха, а од оваа година сака да експериментира и со круши. За домашни потреби има и две крави.  Велат ќарот и зијанот се браќа. Минатата година беше катастрофална, но преживеавме, вели Петар.

 

– Никој не е виновен за тоа, но можеше да биде подобро. Можеби требаше да се спроведат идеите на некои овоштари, да се продава јаболкото по синдикални организации, по институции, градинки, училишта итн. И можеби немаше се’ да се продај , но дел од производството ќе се спасеше, а не да заврши на буниште, објаснува тој.

Во целата несреќа на овоштарите, Петар раскажува дека здружувањето во земјоделска задруга до некаде им го намалил проблемот. Организирани се во задругата онака како што треба со сите нишани, со менаџер со тело за надзор и др. Во селото имаат заеднички систем за вадење  капка по капка кој сами го одржуваат. Производството е добро  уште пласманот да се реши.

-Ќе видите на места кај што се фрлани, златни јаболка. Ние имаме среќа . Имаме задруга во селото и си направивме еден добар договор со ладњачата. Дел од производството го продадовме во септември  и октомври, другиот дел тешко, но се снајдовме  некако. Нешто ќе остани за фрлање, но мала количина. Пополека и тоа ќе го средуваме,  не зависи се’ од нас. Мислам дека ќе се олесни целата работа, повеќе умој кога ќе кажат се носи подобра одлука, вели Петар.

Објаснува дека во предност се што произведуваат во еколошки здрава и чиста  средина што е предуслов  за квалитетен производ. Иако применуваат конвенционален начин на производство, сепак внимаваат на хемијата и сите оние препарати што ги  употребуваат заштита на јаболката. За тоа се консултираат со стручни лица и следат предавања кои  во зимскиот период ги имале во голем број.

 

За сега овошките се во добра кондиција но променливото време не им е многу наклонето. За сега целото внимание  Петар го има свртено на заштитата на јаболката, за подоцна да се посвети и на неговиот експеримент со крушите кои ги има во повеќе сорти.

– Како ќе биде производството и одржувањето не знам ќе видиме. Ќе учам допрва, вели тој.

Сите активности во овоштарникот ги извршува со семејството. Располага со механизација и со се’ останато  што му е неопходно. Сето тоа го набавил со сопствени инвестиции. Единствена помош му се субвенциите. Смета дека со појавата на субвенциите се покачила и цената на земјоделската механизација, додека цената на јаболката останала иста. Вели дека треба да се направи измена во моделот на субвенционирање.

Според него подобро е  субвенциите да се даваат  на продадено прва класа јаболко, поминато преку банка. Од тоа би имале ќар и државата и продавачите. Со ова би се избегнале манипулациите и злоупотребите и ќе нема потреба од садење на големи површини со нула ќар, а производителите ќе се трудат да произведат квалитетни јаболка.

 

Исто така смета дека би требало да се направат измени и во останатите начини за  финансиска  помош, посебно со кредитите  за набавка на механизација.

-Сега  треба прво да се вложи целата сума, што мислам дека не е во ред. Ако дава помош  и некој кредит, барем 50:50, самиот продавач на механизација треба да си ги повлече парите од државата, а не да биде изложен купувачот на трошоци, вели Петар.

Како и сите земјоделци се соочува со низа проблеми кои се обидува да ги реши во од. Најголем проблем на овоштарите  е бербата на јаболката. Кроењето и одржувањето се тешки ама тешко се наоѓаат прави берачи, искусни и професионални. Државата пак, може да помогне околу пласманот со средување на меѓународните договори.

-Како и за многу други работи ништо не е лесно, но може да се живее.  Дури можеме ќе работиме. Не планирам повеќе промени и проширување, напротив ќе скратувам. Да ги тераме децата да се вратат на овој бизнис нема, но ќе биде како златна резерва, рече  Димовски.

Ќе има оптимизам ако  народот  ја остави политиката на политичарите и си  ја брка својата работа.  Народот да се  запни, а да се казнат политичарите ако мрднат од колосекот, ова е  пораката што ја упати Димовски на крајот од разговорот со Зелена берза.

 

Павлина Јовановска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close