fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Живот без питка вода

Живот без чиста вода за пиење, особено лето, живеат жителите во регионот на Општина Карбинци.

Жители на селата во Општина Карбинци очајно бараат да се стави крај на нивната голгота, проблемот со водоснабдувањето, зашто славините на селските чешми во дворовите и куќите повеќе се суви отколку што низ нив тече питка вода. Сите ги мачи една мисла, дали ќе биде оваа година последна со секнати чешми. Прашуваат зошто плаќаат сметки за вода што не ја трошат. Стравот е поголем од проблемот пред кој се исправени зошто се плашат од извршителите, па тврдат дека плаќаат сметки за да не бидат дадени на суд.

-Летото немаше вода, односно вода има само кога ќе заврне дожд, но не е употреблива. Заматена е со песок и не е за пиење, ниту за перење. Сметки редовно плаќаме, а вода нема, тоа е проблем, вели Адем Мемедов жител на село Радање, Општина Карбинци.
Вода нема и по две-три недели, велат мештаните за што се приморани да купуваат вода во шишиња од продавница.


-Некои немаат пари да купат флаширана вода, а плус ги плаќаат сметките редовно, се пожали Мумин Вејселов жител на Радање.
Лани 30-40 жители од овој крај ги платиле заостанатите сметки за вода со извршители.
-Имало, немало вода мора да платиме, револтиран е Вејселов.


Жителите на селата под Плачковица секое лето имаат проблем со водоснабдувањето. Револтот кај нив е уште голем бидејќи досега многу пати добиле ветување од надлежните дека ќе пијат чиста вода. За нив е неприфатливо што во 21 век пијат заматена вода која дотекува низ цевките на старите селски водоводи. Мештаните бараат општината да го реши проблемот со водоснабдувањето.


Од Општина Карбинци велат дека имаат решение за надминување на состојбата
Ѓорге Јанков директор на Јавното комунално претпријатие „Плачковица“-Карбинци, потврдува дека жителите во некои села се соочуваат со недостаток на вода за пиење, но тврди дека и покрај сушата немаат воведено рестрикции во водоснабдувањето. Според него најпогодени се жителите кои живеат во горниот дел од селото, бидејќи таму притисокот на водата е најмал, а како причина за оваа состојба ја наведува нерационалната потрошувачка на вода, бидејќи мештани наводнувале бавчи и тревници. Тој вели дека од јавното комунално претпријатие преку 12 водоснабдителни системи се опслужуваат 15 населени места. Задоволен е од процентот на наплата, што е нешто повеќе од 60 отсто. Јанков вели дека заостанатите долгови мора да ги сервисираат поради одржување на водоводниот систем, но и тоа дека водата што ја дистрибуираат е здравствено исправна според добиените резултати од анализите кои тие ги прават секој месец.
Од тука уверува дека догодина проблемот со водата за пиење ќе биде надминат со тоа што веќе се гради пречистителна станица во Карбинци како дел од проектот ХС „Злетовица“.
И Општина Карбинци е во план да го реши долгогодишниот проблем со водоснабдувањето.


-Да се стави во функција овој капитален објект потребно е да се изградат цевководи за дистрибуција на вода од влезниот базен до постојните резервоари за водоснабдување на населените места: Карбинци, Козјак, Аргулица, Црвулево, Таринци, Нов Караорман, Долни Балван и Радање во должина од 18 километри и вредност на работите од околу 44 милиони денари за што Општина Карбинци има изработено проектна документација, изјави Јордан Насев, градоначалник на Општина Карбинци.
Според него самата технологија на пречистителната станица, односно ултра филтрација и влезната вода од ХС „Злетовица“ даваат можности за намалување на цената на водата што ќе влијае поволно на економската состојба на домаќинствата. Сега јавното комунално претпријатие на корисниците им пресметува по 27 денари за потрошен метар кубен вода.

Јулија Малинова

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close