Тетовските јаболка наместо на трпеза ќе завршат на депонија, а се најавува и корнење на овошните насади

(Oвој напис е објавен на: January 9, 2019)

 

Голем дел од овоштарите во Брвеница, рурална општина во полошко каде на земјоделските површини е најзастапена јаболката, планираат годинешниот род од овој тетовски бренд да го фрлат на депонија, а јаболковите овошни насади напролет да ги откорнат.Причината за ваквата одлука, ја наведуваат во немањето на откуп на јаболката, но и цената на истата.

 

Јаболкопроизводителот Здравко Аризанкоски од Брвеница, вели дека и по два месеци од бербата на јаболката, подрумите и магацините му се преполни со ова овошје. Вели дека годинава има род, цената е ниска, но никој не сака да ја купи. Тој продава покрај улица едвај по десетина килограми дневно

-Јас имам едно 400 дрва јаболка. Годинава има многу род, ама бадијала кога нема цена, а најстрашно е што нема откуп, тоа е голема срамота да ги фрламе јаболката. Колку е вкусна и квалитетна. Ама немаме друго чаре, ќе ја враќаме на нива. Мора да се ослободиме од неа, да ја фрлиме на некоја депонија. Имам преку 10 тони јаболка. Никој не доаѓа да праша за откуп, и ако дојде некој игра со нас мајтап, ни вели дајте ни ја по 5 денари, а ја продаваме за минимални 10 денари, вели јаболкопроизводителот Здравко Аризанковски

 

На слични приказни наидовме и на другите овоштари кои продаваат јаболка. Тие ни раскажаа дека ова е една од најлошите години за нив. Со вакви слични проблеми се соочувале и изминативе години, но оваа како што велат е една од најкатастрофалните. Имаше така стихијно извоз за Косово, Србија Бугарија, а сега велат нема од никаде. Проблемот според нив, лежи во тоа што нема организиран откуп, но и во неконтролираниот увоз на тропско овошје, и не преземањето на мерки за домашната јаболка, за која никој не води грижа, и не се ангажра истата да ја извезе.

-Многу слабо, не се исплаќа трудот, во загуба сме, а род има доста. Јас имам преку 8 тони јаболка. Но, ако верувате ништо не сум продал. Јас планирам јаболката да ја фрлам во Вардар. Порано беше подобро, но оваа година е апсолутна нула. Мислам да ја ликвидирам јаболката. Да ја извадам од корен. Лани немаше никакаков род, а сега има многу, ама нема кој да ја купи. Значи од година вгодина тонеме, рече Драгољуб Зафировски јаболкопроизводител од Брвеница.

Од Агенцијата за развој и поттик на земојделието Регионална канцеларија Битола подрачно одделение Тетово, велат дека последниве години регистрираат дека површините засадени со јаболка се намалуваат.

Оттаму ги наведуваат истите причини. Немањето откуп и ниската цена ги демотивираат овоштарите да се занимаваат со оваа гранка, и затоа ги корнат јаболковите насади. Истакнуваат дека загрижува фактот што ваквата појава ќе доведе до исчезнувањето на далеку познатиот тетовски бренд тетовското јаболко, кое се карактеризира со познатиот добар вкус, квалитет и трајност.

 

Освен во немањето на стратегија на државата околу откупот, вината за ваквата состојба од агенцијата ја лоцираат во самите овоштари, кои конечно треба да се здружат во задруги, и организирано да настапат на пазарот, со цел спречување на процесот на исчезнување на тетовското јаболко.

 

-Штета е што во тетовско немаме задруга. Ако има една или две. Но кога би постоеле такви задруги, тие би настапиле заедно би се заинтересирале, би се информирале каде има откупни центри, не мора да се од Македонија може и од регионов. Можат со тие центри претходно да се договорат околу пласманот, и се разбира да најдат економска оправданост во сето тоа, рече Петре Петрески од Агенцијата за поттик и развој на земјоделието регионална канцеларија Битола подрачно одделение Тетово.

.

Земјоделците во теотвско мака мачат со пласманот на останатите

 

Од Агенцијата за поттик и развој на земјоделието, потенцираат дека немањето сигурен пласман на земјоделските производи е најголемиот проблем на земјоделците во тетовско.

 

“Голем проблем предизвикува и нелојалната конкуренција односно нерегистрираните трговци кои на диво по улици и тротоари продаваат зеленчук и овошје по многу ниска цена. Земјоделците сега немаат сигурност, па не знаат дали ќе го продадат она во што вложиле” велат од Агенцијата за развоја на земјоделието.

 

Оттаму сметаат дека време е земјоделците да се ориентираат на производство на алтернативни продукти како што е аронија, бадем, лешник, каде не треба многу да се вложи а сепак може да се продаде по многу повисока цена, отколку традицоналните јаболка, вишна и слично,  за чии производи потребни се ладилници, кои ретко кој земјоделец може да ги обезбеди.

 

Познавачите на приликите, освен во отворање на откупни центри, решението го гледаат и во отворање на преработувачките капацитети за овошје и зеленчук, кои некогаш постоеја во тетовско.

 

“Во минатото постоеја фирми кои го гарантираа откупот, сега тие се затворени, кога некој би вложил во вакви претпријатија, состојбата би се подобрила. Сега задругата чека да и се насмевне среќата, дали некое претпријатие од соседните земји ќе го купи производот и тоа најчесто по многу ниска цена, вели Илко Анѓелкоски,  поранешен раководител на Земјоделската задруга “АД Вардар Брвеница”.

 

Засега од надлежните конкретно од Министерството за земјоделие, не најавуваат никакви чекори околу организирање на откуп на тетовското јаболко, кое наместо на трпезите како што најавуваат овоштарите ќе заврши на депонија.

Зоран Димовски

 

Share Button