fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Пестициди – потреба која мора да се контролира

Пестицидите се неизоставен дел во земјоделското производство, сепак за да бидат ефикасни мора да се контролира нивната примена затоа што ЕУ ја стеснува „зелената листа“ на препарати

Да се произведе повеќе и поквалитетно е сон на секој земјоделец. Патот од семе до готов производ воопшто не е лесен. Болести, штетници, инфекции , временски неприлики се само дел од низата проблеми со кои производителите се соочуваат и бараат решение. Употребата на пестицидите најчесто ги решаваат проблемите  на земјоделците. Сепак нивната примена треба да биде контролирана со цел да се добие квалитетен производ кој ќе биде безбеден по здравјето на консументите и животната средина. Со најавата  на ЕУ дека ќе се стеснува листата на дозволени пестициди и дека ќе забрани увоз на производи третирани со недозволени средства го актуелизира прашањето за нивната употреба во нашата земја.

– Во делот на овоштарството до сега сме немале ситуација  на остатоци од пестициди во овошјата. Тоа го потврдуваат и фитосанитарните анализи што се прават од страна на МЗШВ. Ние како производители на јаболка се трудиме да произведеме квалитетни јаболка користејќи препарати од зелената листа со имиња и соодветни карактеристики. Од наше искуство  се сомневаме дека увезените препарати во Македонија  не ги содржат истите  карактеристики назначени на декларацијата со оние наменети за земји од ЕУ. Во ваква ситуација за да се постигне потребниот квалитет се зголемува бројот на третирања кај овошките, изјави за Зелена берза Менде Ивановски овоштар од Преспа.

Ивановски смета дека во врска со ова  најмногу може да помогнат институциите при издавањето  на дозволи за вршење на увоз на препарати, да се вршат испитувања дали производот ги задоволува пропишаните карактеристики  запишани на декларацијата на препаратот.

-Во наредниот период покрај за препаратите потребно е да се  бараат други начини за заштита на овошките од појави како последица на климатските промени, затоа што не секогаш може препаратите да помогнат. Влијанието на сончевите УВ зраци кое е многу јако се повеќе штетно се одразува на квалитетот на овошките за што треба да се бараат решенија како што се заштитни мрежи, додава Ивановски.

Кога заштитата е под контрола  има резултат

-Во Македонија не се произведуваат вакви препарати  што значи  дека сме зависни од увоз  за што треба многу да се внимава кој и што увезува. Мора да се внимава при употребата на пестициди. Тоа може да се постигне само со поостри контроли. Мора да се внимава  примената на пестициди да биде  во рамки на пропишаните дози, за  да се заштитат  и растенијата и луѓето. Посебно во летниот период заради појава на разни болести, лисни вошки, нематоди или други проблеми , неопходна е примената на пестициди. На нашите плантажи тоа го правиме контролирано. Со цел да добиеме поквалитетен производ  сум пробал и интегрирана заштита ,но треба многу знаење, многу внимавање и секако тоа е проследено  со големи трошоци. Во поглед на заштитата и намалувањето на трошоците многу е важна примената на агротехничките мерки, изјави Ристо Самандов сопственик на фирмата за производство на градинарски култури „Еко Оаза Самандов“.

 Да се контролира увозот на пестициди

Регулативата на ЕУ одат во насока да обезбедат безбедност на храната што се увезува во земјите на ЕУ. Хемомак пестициди е компанија која се придржува  до европската регулатива за дозволени средства за заштита и комплетно ги почитува барањата на ЕУ.

-Сите наши средства  во програмата  се на зелената листа и наша тенденција е да ја следиме до точка и запирка регулативата на ЕУ пред се заради заштита на здравјето на крајниот потрошувач. Во делот на употребата на пестицидите секоја година вршиме советувања на ниво на цела Македонија. Нашите ангажмани се во насока да ги советуваме земјоделците за соодветна употреба на препаратите како и за начинот  на нивно користење Запазувањето на каренцата за секој пестицид е од голема важност особено за оние кои влијаат штетно на пчелите, бумбарите  кои се многу важни за опрашувањето. Ние како компанија, не секогаш наидуваме на разбирање кај земјоделците и тие уште применуваат недозволени пестициди. Голем број земјоделци реално не се придржуваат според насоките  што ги бара ЕУ, потребна им е едукација. Од друга страна и државата како еден од чинителите  не наоѓа механизам  како се да  исконтролира, има обиди но не се доволни,  изјави Марјан Коцев вработен во Хемомак пестициди.

Од Хемомак сметаат дека во МЗШВ треба да обрнат внимание  при увоз на препарати на  било која компанија бидејќи на македонскиот пазар уште може да се сретнат препарати  кои се забранети година или две наназад. Важно е  да се знае што точно се внесува во државата .Втора работа е  да се контролираат самите производители и запазувањето на  каренцата.

Со едукација за правилна примена на пестицидите до безбеден производ

Агро експертите препорачуваат внимателно со употребата на пестицидите, бидејќи не постојат препарати кои се помалку токсични. Не треба да се претерува  бидејќи во спротивно се загрозува здравјето на потрошувачите, но и исправноста на водата и почвата. Земјоделските производители мора да ги менуваат своите навики и да ги применуваат оние дозволени препарати и тоа по строго пропишани упатства, а не оние на кои се навикнале уште од минатото.

-Голем број активни материи на пестициди кои што се користеле до пред извесен период ,повеќе не се наоѓаат на зелената листа на препарати , но сепак на пазарот има се уште активни материи, со чија што правилна употреба може да се добие  квалитетен производ. Во последните години  хемиската индустрија  произведува  и пестициди  со 2 или 3 дозволени активни материи со цел да се зголеми ефикасноста  на препаратот  од една страна, а да се намали резистентноста кај производите.

Дали ќе се добие  добар или квалитетен  принос зависи од повеќе фактори , почнувајќи од изборот на соодветна  сорта, подлога  и местоположба  на насадот, користење плодоред кај градинарските  и житните култури , правилно користње на пестицидите  и сл. Она на што треба да се внимава при употребата на пестицидите  со цел добивање на квалитетен производ е  да се внимава  на временските прилики. Не треба да се третира на ветровито време, исто така температурата не треба да биде пониска од 5, а повисока од 2-5 степени  бидејќи се намалува ефикасноста на препаратот, а некои препарати може  да предизвикаат фитотоксичност. Исто така треба да се внимава и дали  има роса. Се препорачува  да се прска во вечерните часови. Најважно е да се следат препораките околу начинот и количината на дозирањето на самиот производ и секако потребна е редовна консултација  со стручни лица. Мора да се внимава на компатибилноста на препаратите кои што се мешаат во атомизерот, изјави за Зелена берза Ана Велјановска Трајчески советник во АПРЗ.

Павлина Јовановска

 

Слични написи

Back to top button
Close