fbpx
ВестиТоп вести

75 години женски активизам во Битола

Со промоција на монографијата „75 години женски активизам во Битола“, најстарата  женска организација во државата, Организација на жени на општина Битола ги заокружи активностите поврзани со одбележувањето на големиот јубилеј 75 години постоење.

Инсертите од документарниот филм „70 години женски активизам во Битола“ низ сведоштвата на основачката на оваа женска организација  Анча Ристевска,  потсетија на корените и целите на женското организирање на овие простори.

Во преполната сала на Центарот за култура во присуство на членки на организацијата и претставници од други здруженија поддржувачи на нивниот активизам присуствуваше и градоначалничката на општина Битола г-ѓа Наташа Петровска која ги поздрави од гледиште на нејзината професија низ призмата на бројките:

„Бројот 75 се состои од седум и пет, а нивниот збир е дванаесет, а еден плус два е три. Бројот три е многу значаен број зошто е поврзан со три многу важни работи, а тоа се вера, љубов и надеж. Нека ни е честита 75 годишнината од женскиот активизам и да се избориме за онаков родов баланс во кој што нема да прашуваат „Извинете како треба да ви се обратиме градоначалничке или градоначалник, ќе се подразбира дека на оваа функција е жена и треба да и се обратат како на градоначалничка““, рече Петровска.

Од самото формирање па до денес Организацијата на жени работеше на детектирање и решавање на многу проблеми поврзани со жените. И тогаш и денес активностите на нејзиното членство се насочени кон подобрување  на статусот на жените во целокупното општествено живеење.

„Овој јубилеј значи многу. Јубилеј кој кажува што досега правевме и не обврзува  што треба понатаму да правиме. Она што во 1944 година нашите активистки, меѓу кои  и нашата драга Анча Ристевска го направија во с. Ротино ни дадоа аманет во сите овие години оттогаш до сега, а и понатаму ние ќе оставаме аманет на сите зад нас да ги негуваме вредностите која една жена  може д ги даде во нашето општество, бидејќи во минатиот век местото на жената не беше таму каде што треба да биде. Ние активистките  на ОЖ се трудиме, во нашето општество, на нашите простори, во нашето опкружување во Битола и државата, да покажеме со силата на личниот пример што се треба да се прави за да живееме  во поубаво и посреќно општество, во поубав и посреќен град“, изјави за медиумите  Светлана Петковска актуелната претседателка на организацијата.

Водителката на  настанот Силвана Петрова Насух ја збогати свеченоста со рецитации посветени на жената. Посебен белег на целиот настан  остави обраќањето на професор д-р Методи Чепреганов, невропсихијатар кој рече: „Неуронауката вели дека поради богатството на хормони, жената е во апсолутна предност  над машкиот пол, во секоја смисла, во мисловна, во емоционална интелигенција и во способноста“.

П.Јовановска

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close