Николовски од денес е во официјална посета на најголемиот светски саем за храна и земјоделство „Зелена Недела“ во Берлин
Од денес и во следните четири дена, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, ќе биде во официјална посета на најголемиот светски саем за храна и земјоделство „Зелена Недела“, што се одржува во Берлин, Сојузна Република Германија. Се работи за саем со долга традиција од 1926 година, на кој што своите производи ги изложуваат фирми од целиот свет. Оваа година на саемот „Зелена недела“, учествуваат над 70 меѓународни министри, заменици министри и државни секретари за земјоделство. Целиот настан е во организација на Министерството за храна и земјоделство на Сојузна Република Германија. Оваа година темата на саемот е „Земјоделството се дигитализира – Паметни решенија за идното земјоделство“.
Во рамки на саемот ќе се одржи и 11- тата Берлинска Конференција на министри за Земјоделство во склоп на Глобалниот Форум за храна и земјоделство (GFFA), на која што ќе се дискутира за тоа како може да се примени дигитализацијата за да се промовира економски оправдано, ресурсно-зачувано, еластично и потрошувачки ориентирано земјоделството.
Утре, во рамки на саемот, министерот Николовски ќе присуствува на Глобалниот Форум за храна и земјоделство, на кој што на меѓународните министри ќе им се обрати сојузниот канцелар др. Ангела Меркел, која што ќе зборува за значењето на дигиталните технологии за иднината на земјоделството.
Освен на министерската конференција на која што меѓународните министри ќе дебатираат за потенцијалите за дигитализација на земјоделството, пристапот на фармерите до дигиталните технологии, подобрување на користењето на податоци и друго, министерот Николовски, ќе има свое обраќање на состанокот во организација на Федералното министерство за земјоделство и храна и „SWG“ на тема „Потенцијалите на трговската размена“.
Во рамки на саемот министерот Николовски ќе има билатерална средба со министерот за земјоделство на Египет, Абу Сетејт на која што ќе се разговара за трговската размена меѓу двете земји и извозот на македонски производи во Египет.
Оваа година Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство на саемот „Зелена недела“, учествува со национален штанд на кој што посетителите ќе имаат можност да дегустираат традиционални македонски производи, а на штандот има и македонски ресторан од Берлин каде ќе се готви македонска национална храна. Воедно преку промотивниот материјал, посетителите ќе можат да се запознаат со можностите кои што ги нуди Македонија за туризам.