Земјоделци од Пелагонија ги добија потврдите за работа за време на полициски час
Пелагониските земјоделци кои викендов ќе работат на своите ниви денеска дојдоа на шалтерите на ПЕ на Министерството за земјоделство во Битола да ги подигнат потврдите за движење за време на полициски час. Раководителот на ПЕ на Министерството за земјоделство во Битола Методија Илиевски вели дека канцелариите на ПЕ се отворени за земјоделците, а потврдите издадени денеска важат до 30 март.
-Денеска издадовме потврди на земјоделци кои според уредбата на Владата имаат потреба за движење за време на викендот. Дополнително за нови потврди земјоделците можат да ги добијат од понеделник или да не контактираат на 047 237 419 или на нашата е-маил адреса pe.bitola@mzsv.gov.mk. Подрачната единица редовно работи секој ден, а поради ситуацијата е воведен шалтерски систем, се со цел да им излеземе во пресрет на земјоделците за се што им треба. Производството на храна мора да продолжи, вели Методија Илиевски, раководител на ПЕ на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Битола.
Правила и услови за ослободување од полициски час на граѓани на Република Северна Македонија за време на вонредната состојба поврзана со вирусот COVID -19:
1. Право на движење има само еден (1) член на земјоделско стопанство;
2. Доколку во земјоделското стопанство има член помлад од 67 години, не се издава согласност за лице постаро од 67 години;
3. Барањата се доставуваат по телефон или на е-маил преку подрачната единица на МЗШВ (која мора да провери дали барателот е запишан во регистарот на земјоделски стопанства и дали во стопанството има лице помладо од 67 години;
4. Согласноста се дава само за движење од адресата на живеење до фармата доколку фармата е надвор од адреса на живеење и до нивата (оранжеријата) доколку е надвор од место на живеење;
5. Задолжително се наведува КП на нивата односно фармата;
6. Движењето е дозволено само на релација место на живеење фарма (објект, оранжерија, нива);
7. Согласноста се издава само во времето кое го има наведено барателот;
8. Податоците задолжително се наведуваат во табелата во прилог истата се доставува секој понеделник и важи од за тековната недела;
9. Сите дополнувања во текот на неделата се соважност до важењето на периодот (до првиот понеделник пример доколку се поднесе барање во четврток тоа ќе важи за периодот од петок до понеделник);
10. Давањето на лажни податоци со кои се загрозува општата здравствена состојба на граѓаните и се прекршува полицискиот час е кривично дел, како за земјоделецот така и за лицето кое ги внесело податоците од ПЕ.
А.Б