fbpx
Вести

За земјоделците 176 милиони евра за субвенции и капитални инвестиции

Средствата наменети за субвенции и капитални инвестиции во земјоделството и руралниот развој во буџетот за 2017 година ќе достигнат 176 милиони евра, согласно податоците кои ги изнесе министерот за финансии Кирил Миноски на комисиската расправа во Собранието за буџетот за 2017 година.

za zemjodelcite 176 milioni evra za subvencii i kapitalni investicii

 

За субвенции во земјоделството и рурален развој обезбедени се 8,45 милијарди денари или 140 милиони евра.

За капитални инвестиции кои ќе го поддржат земјоделството и руралниот развој догодина со буџетот се предвидени 2,2 милијарди денари или 36 милиони евра.

– Овие средства се наменети за рурален развој, за изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства, за нивно преструктуирање и надградба со цел побрзо исполнување на стандардите на ЕУ. Во рамките на овие расходи се планирани средства за изградба на системите за наводнување во Јужновардарскиот регион во износ од 194 милиони денари. За повеќенаменскиот проект Злетовица предвидени се средства во износ од 111 милиони денари, истакна Миноски.

Преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој во 2017 година се предвидени средства за модернизација на земјоделските стопанства, за набавка на земјоделска механизација и приклучна механизација.

Издвоени се и средства за финансирање на активностите на браните „Оризарска река”, „Равен Речица”, „Маркова река”, „Коњско”, браната во Слупчане и за рехабилитација на пумпната станица во Дебар и други хидро-системи.

– Преку оваа програма изминативе неколку години со цел подобрување на квалитетот на живот во руралните средини, обнова и развој на селата како и зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја опфатени се вкупно 387 проекти во вкупен износ од 3,08 милијарди денари. Со ист интензитет на реализација за вложување во инфраструктурата ќе се продолжи и во наредниот период, акцентот ќе биде на развојот на населените места кои се регионални центри во руралните региони каде стратешки треба да се концентрира и заврши миграцијата од помалите места, истакна Миноски.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close