Засадени се 400 примероци локални сорти грав – која е крајната цел?
Нема точен податок колку сорти грав има на наше тло, но она што со сигурност се знае е дека се многу
Во Опитно поле при Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје неодамна се засадени 400 примероци локални сорти грав. Целта е овие сорти да бидат зачувани, да бидат умножени, а потоа дел од семињата ќе останат кај нас, а дел ќе завршат во холандската ген – банка. Професорите кои работат на овој проект велат дека со години ги собирале примероците грав по селата во Македонија. Тие посетиле преку 500 населени места. Нема точен податок колку сорти грав има на наше тло, но она што со сигурност се знае е дека се многу, пренесува faktor.mk
„Наша цел е да ги зачуваме автохтоните стари локални сорти. Во Скопје луѓето не ни знаат дека има толку многу сорти со различни зрна, затоа што најчесто сме научени на тетовскиот или на друг грав со бели зрна, а во продавниците за здрава храна може да се најдат крем зрна со виолетови шари. Ние објавивме и книга за разновидноста на македонскиот грав. Во неа има фотографии од 550 различни видови зрна од нашата колекција, но тоа не значи дека сите се од исти или од различни сорти. Со иста форма и боја на зрно, бело, па дури и од шарените, сортата може да биде висока или ниска – што се два различни подвида. Кај нас се одгледуваат тие два подвида, висок и низок грав, како и крупен грав кој припаѓа на друг вид. Старите локални сорти ги собираме од 2014 година, обично луѓето ни даваат по неколку зрна. Оваа година посеавме преку 400 примероци грав од стари локални сорти за да ги умножиме. Ќе направиме и анализа со молекуларни маркери кои ќе покажат дали сортите се различни дури и кога имаат исто семе. Дел од семето ќе го пратиме во холандската ген – банка CGN, тоа е јавна институција која понатаму ќе биде одговорна да го чува тоа семе бидејќи се базира на големи финансиски и човечки ресурси. Секаде во светот, може да се побара примерок од семето во ген – банките за научни цели. Тие ни помагаат финансиски за трошоците на опитот. Растенијата ќе ги карактеризираме (опишуваме) по однос на стеблото, листовите, цветовите, мешунките и семето, односно за својствата кои се карактеристични за да се утврдат различните примероци грав“, вели Соња Ивановска, професорка на Факултетот за земјоделски науки и храна.