fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Враќање на туристичката такса и субвенции за туристички водичи

В понеделник ќе биде објавена мерката со која ќе им се врати туристичката такса од лани (2019 година) на оние што ѝ ја уплатиле на државата, што е дел од серијата други мерки за помош на туризмот, како еден од секторите кои беа најпогодени од пандемијата.

„Точно е дека согласно уредбата која беше усвоена во јуни предвидено е да се поддржат сите компании што се занимаваат со производство, трговија и од ИТ-секторот и дека комисијата не ги утврдила инвестициите од компаниите кои имале други шифри на дејност. На пример, во делот на хотелиерството има еден куп хотели во нашата држава и приватни сместувачки капацитети кои аплицирале за оваа мерка, но секако дека сме ги изоставиле и сме ги помогнале со други мерки, како што се издавањето на ваучерите. Сега и во понеделник ќе ја објавиме и мерката за враќање на туристичката такса од 2019 година и лепеза други мерки за еден од секторите кои беа најпогодени од пандемијата“,

најави министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција во Владата.

На минатата седница на Владата усвоени се измени и дополнувања на Програмата за развој на туризмот за 2020 година, со што ќе се вратат средствата директно на сите кои во 2019 година имаат уплатено туристичка такса. Министерството ќе објави јавен повик, на кој преку онлајн-апликација сите субјекти ќе поднесуваат електронска апликација со приложување документација. Посебна комисија ќе изврши евалуација на апликациите и ќе направи записник и решение за исплата на средства за тие кои исполнуваат услови.

Износот на грантот ќе се определи врз основа на вкупниот приход на правното лице во претходната година, бројот на вработени и типот на лиценцата за работа. Максималниот износ на грантот за туристичките агенции кои имаат лиценца Б ќе изнесува 180 илјади денари, додека максималниот износ за туристичките агенции со лиценца А изнесува 430 илјади денари.

Оваа мерка ќе се реализира во текот на овој и следниот месец, за што во Буџетот се обезбедени средства од 116,85 милиони денари.

Со мерката е предвидено доделување грантови и за туристички водичи како самостојни вршители на дејност. Можат да аплицираат туристички водичи кои поседуваат важечка лиценца и не се во редовен работен однос, а грантот по лице изнесува 65 илјади денари. Ова ќе се реализира исто така до крајот на оваа година, за што во Буџетот се обезбедени средства во износ од 9,8 милиони денари.


 

360 stepeni.mk

Слични написи

Back to top button
Close