вести

Албанските домати ги преполовија цените на домашните

(Oвој напис е објавен на: јуни 4, 2018)

Само една недела по почетокот на бербата на доматите и краставиците во Струмичко нивната цена речиси се преполови. Земјоделците се загрижени и се надеваат дека станува збор за привремен проблем во откупот, бидејќи цената е многу ниска и не ги покрива производствените трошоци. И откупувачите го потврдуваат трендот на опаѓање на откупните цени на раноградинарските производи. Продажната цена на краставиците на кванташките пазари се спушти на 10 денари за килограм, на доматите 20 денари, а пиперките се продаваат по цена од 20 до 30 денари за килограм во зависност од квалитетот.

Годинава и покрај сите климатски непогоди производството на градинарските култури е со добар квалитет. Според земјоделците причина за намалените откупни цени покрај намалениот извоз е и континуираниот увоз на домати од Албанија. Нивните домати имаат пониска производствена цена поради поблагата клима и албанското производство стасува неколку недели пред домашното.

– Нема аграрна стратегија, нема извоз. Годинава соседите не ги сакаат македонските домати. Се надеваме дека за една недела цените на раноградинарските култури ќе се зголемат. Албанските домати ќе поминат и ќе останат само домашните, а се очекува да се зголеми извозот на македонските градинарски култури во Русија, вели Ване Митев претседател на Регионалниот сојуз на земјоделци од Струмица.

Според него, причина за тоа е намалената побарувачка од пазарите, каде досега се извезуваше, како што е во Бугарија, Украина, Романија и сите поранешни југословенски републики, како и во Чешка, Словачка и Полска.

– Цените паднаа, но не многу и на некој начин се нормални за овој период. Доматите, кои изминатите денови се откупуваа и до 50 денари за килограм, сега се преземаат од трговците од 20 до 25 денари за килограм. Краставиците се откупуваат по цена од 20 до 25 денари, а пиперките 40 денари за килограм, вели еден земјоделец од село Дабиле.

Причината за намалувањето на откупните цени на нашите раноградинарски производи е што во земјите каде извезуваме се појави нивно производство. Таков е случајот со пазарите во Чешка, Словачка и Полска.

Според земјоделците цената од само 20 денари за килограм домати е многу ниска и не ги покрива производствените трошоци. Поради тоа, тие се надеваат дека станува збор за некои неусогласености на почетокот на откупот и оти нивната цена наскоро ќе се зголеми.
Откупот на доматите почна пред две недели по цена од 35 до 40 денари за килограм. Во следниот период се очекува најголема понуда, затоа што ќе стаса речиси целото производство од пластеници.

 


 

вечер

Тагови

Валентина Соколовска

Зелена берза – Гласот на земјоделецот Заедно со Вас, драги земјоделци, ја создадовме „Зелена берза“, како Здружение на земјоделци, како начин на заедничка работа преку кој ќе стигнеме до нашите јасни заеднички цели: да се слушне гласот на секој земјоделец, да размениме искуства, да создадеме услови во кои ќе можеме успешно да работиме, а земјоделскиот труд да добие соодветен приход. „Зелена берза“, постои за Вас, да ве поттикне, да ве информира, но и заеднички со Вас да се избори за квалитетно и исплатливо производство, за производи кои гарантирајќи квалитет ќе обезбедат сигурност, стабилност и добар профит. Визијата на најголемото, невладино и непрофитно, земјоделско здружение во Р. Македонија – „Зелена Берза“ е да прераснеме во здружение со илјадници членови, здружение со големо влијание врз законските норми кои го регулираат земјоделието и здружение кое ќе му даде глас на секој индивидуален земјоделец. Грб во тешките времиња и земјоделски промотор во добрите. Нашата мисија е да го промовираме македонскиот земјоделец, да градиме партнерски односи со производителите и со трговците, да создадеме заедница на македонските производители на храна која ќе ги претставува и ќе се бори за интересите на современето македонско земјоделие, во државата и странство. Приклучете ни се, бидете дел од нас. Раскажете ја вашата приказна, актуелизирајте го Вашиот проблем, презентирајте ја Вашата идеја, понудете добри совети. Ние сме тука, да го пренесеме Вашиот збор, да преземеме активности и заеднички да креираме успеси, што ни е силно потребно, на сите нас, кои директно или индиректно, сме дел од земјоделието. Успехот во оваа гранка, е успех на животот, зошто здравата храна е еден од клучните фактори за здрав живот, а земјоделецот е неговиот најважен столб. И нашиот месечник е олицетворение на вредностите кои ги застапува Зелена берза. Делењето на бесплатни примероци има за цел да го зголеми опсегот на гласот на земјоделците, заедно да ги решиме децениските земјоделски проблеми, натежнати врз сите нас. Заедно да го продолжиме патот кој започнавме да го трасираме. Креирајте го Вашиот весник, според Вашите желби и потреби. Ние сме тука за Вас. Редакцијата на нашиот и Ваш весник, Ви стои на располагање за споделување на Вашата приказна, Вашите совети и Вашето искуство во земјоделието. Контактирајте не на телефон 071 207 021, преку електронска пошта [email protected] или на страната на ФБ / Зелена Берза Срдечен поздрав, Вашата Зелена Берза

Слични написи

Back to top button
Close