fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Цените растат, платите стојат – ќе ја запре ли некој инфлацијата?!

Мерките сè уште се кројат.

Додека цените во маркетите не прекинуваат да растат, мерките сè уште се кројат. Граѓаните не веруваат дека и овие мерки, како и претходните, ќе можат да ја зауздаат инфлацијата и да ги смират цените. Според пресметките на Синдикатот, на едно четиричлено семејство во август му биле потребни 49.345 денари за да ја задоволи минималната синдикална кошничка. Иако официјално инфлацијата се намалува и во јули изнесувала 8,3 отсто, од Сојузот на синдикати велат дека, сепак, е зголемена минималната кошничка од претходниот месец – за 725 денари. Она што загрижува е фактот што повторно има најголемо зголемување кај храната и кај пијалаците – за 1,9 отсто.

И додека соседните земји предлагаат низа мерки за ублажување на ценовните шокови, економските мерки и натаму се само во најава. Граѓаните се жалат дека и да бидат донесени, мерките веќе нема да имаат ефект, бидејќи цените се качија до плафон. Од 40 денари, млекото стигна до 70 денари, кравјото сирење надмина 400 денари за килограм, додека овчото над 600, месото поскапи за 40 денари за килограм, а нови, повисоки цени имаат и овошјето и зеленчукот. Во земјите од соседството, пак, сликата е поразлична.

Речиси сите земји имаат пониска инфлација од нас, па така, во Грција таа изнесува 2,7 отсто, во Албанија во август била 4 отсто, а во Бугарија околу 10 отсто. Цената на лебот во Грција е од 50 денари, па нагоре, слична е цената и во Бугарија, а во Косово, пак, цената на лебот е околу 30 денари. Србија има убедливо најниска цена на лебот во Европа и се продава по 54 динари или по 27 денари.

Министерот за финансии Фатмир Бесими најави дека Владата набргу ќе го објави деветтиот пакет антикризни мерки, за кои засега има 4,55 милијарди денари. Пакетот, како што рече, ќе биде во насока на полесно справување со предизвиците од ценовната и од енергетската криза за граѓаните и за компаниите.

– Ова значи дека продолжува субвенционирањето на електричната енергија за домаќинствата и парното греење во делот на ЕСМ. Има доволно средства, работиме на деветтиот пакет антикризни мерки. Дополнително ќе се оди со таргетирање до крајот на годинава, за поддршка на најранливите категории – истакна Бесими.

За да се ублажи ценовниот шок, од синдикатите алармираат дека итно ни треба зголемување на платите. Ако не се случи тоа, ќе продолжи трендот на осиромашување на граѓаните. Дополнителен удар ќе биде и повисокото ДДВ, кое е дел од даночната реформа за над 1.000 производи.

Од Организацијата на потрошувачи, пак, сметаат дека не е важно какви мерки ќе се донесат, важно е да бидат подолгорочни и да се донесат што побрзо.

– Очекуваме дека Владата ќе преземе нешто за да се „смират“ цените. И покрај тоа што ние бараме замрзнување на цените на основните прехранбени производи, бидејќи се покажа дека оваа мерка има поголем ефект врз цените отколку ограничените маржи, сепак, им оставаме на надлежните да одлучат. Важно е да се донесат мерки што ќе придонесат да не растат цените на подолг рок. Со оглед на тоа што доаѓа зимата и граѓаните сакаат да си ги планираат парите, бидејќи треба да прават зимница, да обезбедат дрва, енергенси… Значи, потребно е барем шест месеци цените да бидат „мирни“ и граѓаните да имаат некоја предвидливост за тоа колкави ќе им бидат трошоците наредниот месец и да може да си го испланираат буџетот – вели за весникот ВЕЧЕР Маријана Лончар-Велкова, претседател на Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Од ОПМ бараат што поскоро да се донесат мерките, бидејќи сè ќе падне на грбот на потрошувачите. Цените на овошјето и на зеленчукот се енормно високи. https://www.vecer.press/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close