Идната недела продолжува исплатата на земјоделските субвенции

(Oвој напис е објавен на: February 26, 2017)

Исплатата на субвенциите на земјоделците ќе продолжи од наредната недела. Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и рурален развој од понеделник ќе ги прати налозите за исплата во Министерството за финансии, а исплатата ќе почне кратко потоа.

idnata nedela prodolzhuva isplatata na zemjodelskite subvencii

 

Ова беше констатирано на средбата на премиерот Емил Димитриев со раководството на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и рурален развој.

– Констатиравме дека во овој период сега веќе по решавањето на ситуацијата да нема избори може да се продолжи со исплата на субвенциите кои поради распишувањето на изборите беше времено запрена. Финансии за тоа има и од понеделник Агенцијата ќе ги достави налозите до трезорот и Министерството за финансии за исплата на субвенциите, изјави премиерот Димитриев.

Тој додаде дека поголемиот дел од субвенциите се исплатени пред периодот на распишување на изборите и дека сега останува помалиот дел за исплата и тој ќе го завршиме во наредниот период.

Смета дека субвенциите во земјоделството имаат позитивен ефект и оти тоа го потврдиле и бројките презентирани на денешниот состанок.

– Остануваме силно фокусирани на поддршка на земјоделството и сметаме дека инвестирањето во земјоделството носи бенефит за државата и во иднина така ќе продолжиме со континуирано зголемување на сите програми и мерки кои значат развој на оваа област, порача премиерот.

Годинава, информира директорката на Агенцијата Билјана Вуковиќ, се исплатени 3,6 милијарди денари.

– Тоа е вкупниот износ генерално исплатен од програмата за земјоделство. Продолжуваме и понатаму со исплатата, рече Вуковиќ и додаде дека исплатата на субвенциите се одвива тековно согласно календарот кој е во самата програма.

Смета дека ќе има поголема ефикасност и во поднесувањето и во исплатата на субвенциите со воведувањето на електронското поднесување на апликациите. Годишно Агенцијата добива околу 75.000 апликации, а досега се поднесени 40.000. Крајниот рок е 30 јуни 2016 година.

На средбата е разговарано во иднина да се размисли за зголемување на развојната компонента со што ќе се стимулираат поголеми приноси во разни гранки во земјоделството. Разговарано е и за програмата за руралниот развој, во делот на набавка на нова современа механизација за земјоделците, за финансирање проекти од рурален развој по градовите и селата. Минатата година, како што информира премиерот, финансирани се вкупно 221 проект кои се во тек на изведба. Владата преку Агенцијата, како што посочи Димитриев, и во иднина ќе продолжи со поддршка на општините бидејќи Владата смета дека инвестирањето во руралните средини има свој импакт на развојот на државата генерално.