
Имотот ќе го пријавуваат сите административци кои даваат услуги на граѓаните
Во моментот, изјави за состојбата со имотот и изјава за судир на интереси даваат избрани или именувани лица и функционери, но сега со измените кои се предвидуваат, тоа ќе го прават и раководните структури во институциите, како инспектори, цариници, вработени во Катастар, во УЈП, секаде каде граѓаните остваруваат права, а е можна корупција
Изјави за состојбата на имотот и за судир на интереси ќе пријавуваат и сите административци кои даваат услуги на граѓаните, најави вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот Љупчо Николовски.
– Воведуваме нов систем и ова е целосна трансформација на општеството. Во моментот, изјави за состојбата со имотот и изјава за судир на интереси даваат избрани или именувани лица и функционери, но сега со измените кои се предвидуваат, тоа ќе го прават и раководните структури во институциите, како инспектори, цариници, вработени во Катастар, во УЈП, секаде каде граѓаните остваруваат права, а е можна корупција, истакна Николовски .
Според него, треба да се следи состојбата и на овие лица со цел да се придонесе кон намалување на корупцијата.
– Да знаеме дали некој од катастар има тесна соработка со некое приватно биро за катастар, дали некој инспектор има своја сопствена фирма, да ги пријават акциите, уделите во фирми, имотот, и сметаме дека треба да се следи и нивната состојба и со тоа да придонесеме да се намали корупција, за која треба широк опсег и многу мерки, рече Николовски.