fbpx
Вести

„Јувитана“ во Македонија нема пестициди

 

juvitana vo makedonija nema pesticidi

Детската храна содржела недозволени количини пестицид „ципродинил“, фунгицид кој најчесто се користи за заштита на овошките од гниење

Детската храна „Јувитана“ на српскиот производител „Свислион Таково“, за која деновиве во Србија беше обелоденето дека има траги од пестициди, се продава и во македонските продавници. Македонската Агенција за храна и ветеринарство вчера информираше дека инспекторите за храна направиле вонредна инспекциска контрола во компанијата која ги увезува овие производи. Било утврдено дека ниту една од спорните серии на производите на „Јувитана“ не се наоѓаат во нашите продавници.

Агенцијата денеска реагираше и испрати соопштение до јавноста дури откако медиумите упорно бараа одговор, дали храната за најмладите е безбедна. Иако аферата ја тресе Србија веќе три дена, нашата институција испрати само куса информација вчера доцна попладнето.

Во меѓувреме во Србија изминатите неколку денови беа објавени резултати од лабораториски анализи кои покажаа дека во повеќе производи на „Јувитана“ има недозволено ниво на пестициди. Тоа се детската каша со јаболка и цреши, со датум на користење до 3.3.2019 година, овошниот нектар од круша со рок до 22. 12. 2017 година, кашестиот нектар со јаболко и вишна, со рок до 13. 12. 2017 година, кашичката со јаболка, боровинки и капини, со рок на траење до 5. 2. 2019, кашата од јаболка, со рок до 7. 12. 2017 година, потоа кашата од слива, со рок до 8. 6. 2019 и кашата со кајсии употреблива до 15. 6. 2019, како и бистриот сок од јаболко, со рок на траење до 12. 6. 2017 година.

Според пишувањето на српските медиуми, детската храна содржела недозволени количини пестицид „ципродинил“, фунгицид кој најчесто се користи за заштита на овошките од гниење. Остатоците од пестицидот укажува на тоа дека производителот на овошјето најверојатно не ја почитувал каренцата, односно не го почитувал периодот меѓу последниот третман на овошките со пестицидот пред бербата на плодовите.

Небезбедните кашички и сокчиња се веќе повлечени од српскиот пазар, а инспекција од српското Министерство за здравство во моментов врши контрола и во фабриката на „Јувитана“ во Војводина, за да се утврди дали и останатите серии од производството се безбедни за да се пласираат на пазарот.

Во меѓувреме, компанијата „Свислион Таково“ побара и суперанализа на храната, а според најавите од сопственикот Родољуб Драшковиќ, од исходот ќе зависи и судбината на фабриката во Инѓија. Тој соопштил дека брендот „Јувитана“ нема да згасне, но е можно производството да се премести на друга локација. Драшковиќ во 1997 година го основа Свислион во Србија и во Македонија, во 2003 година го купи Таково, а годинава и фабриката Банат од Вршац. Компанијата има производствени погони во Србија, Македонија и во БИХ.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close