Агро бизнисВестиТоп вести

Ќе се легализираат трактори, тракторски приколки, но и мотокултиватори

За две години треба да се легализираат сите трактори

За две години треба да се легализираат сите трактори, тракторски приколки, мобилни машини, мотокултиватори и камп- приколки. Владата достави до Собранието Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за возила, со кој се предвидува нов рок за легализација на одредени категории возила, како и воспоставување појасни и построги правила за техничко одобрување и контрола. Легализацијата треба да заврши до 31 декември 2028 година, со што се очекува конечно затворање на ова прашање кое подолго време создава правна несигурност.

Според образложението, голем број граѓани не успеале да ги завршат постапките за легализација во претходно утврдените рокови, а дел од предметите сè уште се во жалбена или судска постапка. Со новите одредби се овозможува поднесување предлог за легализација пред надлежен суд, кој по објавување на јавен оглас и истек на законските рокови ќе може да донесе решение за утврдување сопственички статус.

-Околу 40.000 нерегистрирани и неосигурени возила, меѓу кои се вклучуваат и земјоделски возила како трактори, активно се движат по македонските патишта и претставуваат сериозна закана за безбедноста на сообраќајот – предупредуваат експертите.

Нагласуваат дека безбедноста во сообраќајот значително зависи од исправноста на возилото, но и покрај тоа одредени групи возачи избегнуваат задолжителни процедури како технички преглед, регистрација и осигурување, што дополнително ги зголемува ризиците на патиштата.

Предлог-законот за возила предвидува и воведување нова категорија – „застапник или претставник на независна институција“, односно правно лице со седиште во државата, кое, врз основа на договор со независна институција опфатена со меѓународната Спогодба од 1958 година за униформни технички прописи, ќе може да издава потврди за исполнување на техничките барања. Овие потврди ќе се користат исклучиво во постапка за единечно одобрување на возила чиј тип не е одобрен според хармонизираните прописи на Европската Унија или во државата, како и за преправени и поправени возила.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе издава овластување на овие правни лица со важност од три години и ќе води посебен регистар. Предвидена е и обврска за месечно известување за издадените потврди, како и прекршочни санкции доколку не се почитуваат законските обврски.

Со измените на законот се воведува обврска за водење регистри и електронски евиденции за правни лица овластени за технички преглед и идентификација на возила, овластени технички служби, правни лица овластени за вградување уреди за погон на течен нафтен гас и компримиран земјен гас. Целта е зголемена транспарентност, унифицирани стандарди и поефикасна контрола во системот на техничко одобрување.

Предлагачот оценува дека измените претставуваат чекор кон надминување на констатираните недоследности во пракса и елиминирање на ризикот од вклучување во сообраќај на возила што не ги исполнуваат пропишаните стандарди. Воедно, законските решенија се насочени кон усогласување со европските технички прописи и меѓународните обврски на државата.

Нема евиденција колку трактори и камп-приколки се нерегистрирани

Иако често велиме дека има нерегистрирани трактори и камп-приколки, официјални податоци за нивниот точен број во земјава нема, ниту пак има релевантна бројка од  Државниот завод за статистика или Министерството за внатрешни работи. Државните статистички бази ги бележат само регистрираните возила, трактори и приколки, но не даваат процена за оние што немаат регистарски таблици или се нерегистрирани за сообраќај, па затоа точна бројка за нерегистрирани земјоделски машини и камп-приколки не е достапна за јавноста.

Земјоделската механизација во Македонија е меѓу најстарите во регионов и често е вклучена во сообраќајни незгоди во кои страдаат возачите и други учесници во сообраќајот.

Според истражувања на македонски универзитетски научници, просечната старост на тракторите во земјата надминува 26 години, што укажува на тоа дека голем дел од механизацијата што се користи е технички застарена и потенцијално небезбедна за работа и учество во сообраќајот. Стариот возен парк, чест недостиг на основни безбедносни системи како заштитни кабини или рамки против превртување, и технички дефекти како неисправни сопирачки се наведени како сериозни проблеми.

Според проценки од аграрниот сектор, во земјата има околу 50.000 трактори, од кои голем дел потекнуваат од механизацијата што се користела уште за време на поранешна Југославија и сè уште се во употреба. За приколки, особено за трактори и камп-приколки, официјални бројки нема, но се проценува дека голем дел од овој тип механизација не е регистриран или редовно сервисиран, што дополнително го зголемува ризикот во сообраќајот, објави slobodenpecat.mk

Поврзани новости

Back to top button