Килограм пипер се продава за 200, а домати за 150 денари – колку квалитет добиваме за оваа цена?

(Oвој напис е објавен на: February 28, 2019)

Еден килограм пипер на пазарите можеме да најдеме дури и по цена од 200 денари. Доматите се движат околу 150 денари, а краставиците од 120 до 160 денари.

Производи кои ги мамат купувачите, па речиси секој се одлучува да купи по нешто. На прв поглед убави, но веќе на вкус сфаќаш дека станува збор за залудно потрошени пари.

Добиваме ли квалитет, за таа цена?

-Знаеме каков може да биде доматот во февруари, но кога ќе ги видиме убави на изглед, на прв поглед здрави и вкусни, сите се лажеме. Ги плаќаме скапо, а квалитет нула. Исто е и со краставиците, а и со пиперот, велат купувачите.

-Купивме неколку пиперки чисто за желба, но како да јадеме пластика. Не е ни приближно до онаа вистинска пиперка, а цените високи до плафон.

Доматите одамна го изгубија вкусот на вистински македонски домат. Интересно е што со овој проблем во последните години зазема глобални размери. Експертите се согласни дека не само на доматите туку променет е вкусот на целиот зеленчук. Во струмичкото речиси сите садат домати од хибридни семиња. Така сега исто ви се фаќа дали доматите што ќе ги купите на зелените пазари се струмички или пак се увезени од Србија, Косово, па дури и од Турција.

Според мислењето на потрошувачите, доматите веќе не се тоа што беа, тие станаа “пластични” и без вкус. Некои од пазарџиите кои ги запрашавме за тоа зашто вкусот на македонскиот домат е значително изменет ни одговорија дека се е до семето.

Експертите го потврдуваат ова и велат дека со увозните семиња кои се користат се добиваат нови сорти кои даваат поголем род, подолго време остануваат свежи и се полесни за транспорт. Тие додаваат дека покрај тоа што се користат увозни семиња, најчесто бугарско, грчко и италијанско, голем дел од доматите на зелените пазари се увезени, па затоа вкусовите се измешаа и потрошувачите веќе не можат да го препознаат вкусот на вистинскиот македонски домат.

Хибридните сорти, несоодветните семиња и честите вкрстувања на сортите што не одговараат на нашето поднебје се неколкуте причини што македонските експерти ги лоцираат за губење на вкусот на доматите.

Во Министерството за земјоделство велат дека на пазарот најмногу може да се најдат увозни семиња. За да ги заштитат домашните сорти сите земјоделци што ќе користат домашни семиња ќе добијат поголеми субвенции.

Вината ја гледаат во земјоделците на кои полесно им е да се приспособат на пребирливите европски пазари и да го произведуваат она што тие го бараат наместо да го задржат препознатливото домашно семе.

За да види каде се изгуби вкусот на традиционалниот домат, меѓународен тим експерти испитувале речиси 400 вида домати. Земени биле примероци од најмодерната до најстарите традиционални сорти. Истражувањето е работено на Институтот за полјоделство во Нови Сад. Утврдено било дека во потрага да се добие што поотпорна сорта домати изгубени се 13 елементи што влијаат на неговата специфичен вкус. Исто така, експертите откриле специфични генетски промени.


 

skopjeinfo.mk

Share Button