Колку порано се произведат, толку е поголема заработката

(Oвој напис е објавен на: February 9, 2017)

Постојат повеќе видови тиквички, кои меѓусебно се разликуваат како по структурата, така и по намената. Тие се едногодишни зелјести растенија од родот кукурбита (cucurbita). Што се однесува до одгледувањето во пластеници или во заштитени простории, за никнување им е потребна температура повисока од 12 Целзиусови степени. Оптималната температура за пораст и за развој е во границите од 25 до 30 степени. Температурата пониска од пет степена влијае негативно врз нормалниот развој на тиквичките, а мразевите во рана пролет може да доведат до целосно уништување на растенијата.

kolku porano se proizvedat tolku e pogolema zarabotkata

 

Како растение, тиквичката има голема потреба од влажност бидејќи формира голема лисна маса (транспирациска површина), но не поднесува преголема влажност. Во услови на недоволна влажност, пак, плодовите се поситни и понеквалитетни, а може да дојде и до исфрлање или опаѓање на цветовите и на младите плодови.

Потребата од топлина и од влажност зависи од фазата на развој на растението. За никнување најповолна е температурата од 25 до 28 Целзиусови степени и обилна влажност. По оваа фаза на развој потребна е умерена влажност и температура на почвата меѓу 20 и 25 степени и тогаш се создаваат услови за развој на кореновиот систем и за развој на надземниот дел на растението. Подоцна, во фазата на цветање и на интензивен пораст на растението, потребна е повисока температура.

 

Најдобро се развива на длабока и структурна почва од типот на алувијалната почва. Постојат различни сорти тиквички, во зависност од времето, регионот и начинот на одгледување, различни хибридни сорти, поради релативниот краток период на вегетација, сукцесивниот и интензивен развој и формирањето плодови.

Се произведуваат од расад или претходно се засејуваат во саксии или контејнери, кои подоцна директно се расадуваат на постојано место. Се расадуваат по формирањето на три-четири постојани листови. Садењето се врши во втората половина на февруари или на почетокот на март, а ако не се загрева, во втората половина на март.

Растојанието на коренчињата е 1.00 х 50 сантиметри. Се применуваат истите мерки на нега на посевот како и кај лубеницата.

Бербата почнува околу првата половина на мај, но, зависно од климатските, а пред се од температурните услови и од загревањето, често се случува бербата да стаса и порано. Производството во ниски тунели се врши подоцна и зависно од надворешната температура, понатаму се открива полиетиленот и тогаш одгледувањето продолжува на отворено. Бербата почнува во втората половина на мај и трае до средината на јули. Бербата при нормални услови се врши секој ден или преку еден ден. Приносот се движи од 30 до 40 тони на хектар.

Освен што се исклучително здрави, тиквичките влијаат поволно на човечкиот организам. Ја одржуваат линијата, ја подобруваат концентрацијата, ги смируваат нервите, ги зацврстуваат мускулите и срцето. Влијаат на исфрлување на водата и на штетните материи од телото. Иако имаат помалку вода од краставиците, содржат повеќе витамини и минерали. Популарни се и поради малата калорична вредност, а изобилуваат со витамин Ц, калиум, калциум, фосфор и селен. Го подобруваат варењето на храната. Малку е познато дека тиквичките можат да помогнат за лекување на астмата и имаат силни антивоспалителни својства, па помагаат во спречување на парадентоза, но се користат и во борбата против други воспаленија.