fbpx
Вести

Костенот може да биде вреден извозен производ

И покрај евидентното сушење на голем број стебла од питомиот костен во Македонија, сепак научниците се оптимисти и веруваат нема да дојде до целосно истребување кај нас односно во Европа, туку во блиска иднина се очекува негово заздравување и зголемување на површините под костенови насади.

kostenot mozhe da bide vreden izvozen proizvod

 

Професорот Кирил Сотировски, кој е целосно посветен во истражување на оваа болест вели дека ја истражува оваа болест со помладите соработници повеќе од 20 години.

Досега се успешно завршени веќе осум научни проекти, седум од нив со меѓународен карактер, односно со соработниците од Европа и од САД.

Она што може да ја интересира македонската јавност е дека детално ја познаваме состојбата и дека во неколку наврати директно и посредно придонесуваме за подобрување на здравствената состојба на костените. Од чисто научен аспект истражуваме многу околности врзани со распространувањето на хиповирулентноста и таквите сознанија ги објавуваме во меѓународни престижни списанија вели Сотировски.

Тој информира дека големиот број суви стебла или поголеми суви гранки од кои обичниот човек се стаписува се сведоштво на особено лошата здравствена состојба на костените од периодот кога се уште не била присутна хиповирулентноста.

Бидејќи костеновото дрво е многу цврсто и отпорно на гниење, поголемите стебла и гранки иако мртви, може да стојат така со децении. Но оваа болест не го убива коренот, па и кај многу возрасни стебла, од истиот корен избиваат изданоци. Накратко кажано во Македонија се присутни хиповируси и здравствената состојба на питомиот костен е во тренд на подобрување, вели Сотировски.

Тој додава дека фамата меѓу населението за страшната болест исто така го сторила своето, така што многу од приватните сопственици на костени дигнале раце, чекајќи да се случи најлошото, односно постепено изумирање на нивните дрвја.

Јас низ годините се трудам преку јавните гласила, како и на стручни форуми да истакнам дека мора да се засадуваат костени, дека е контрапродуктивно да се напуштаат костените. Напротив, треба многу агресивно да се промовира овој навистина посебен вид, затоа што има голема еколошка, но и економска вредност. Освен тоа треба да се промовираат проекти со кои би се применила хиповирулентноста, како чист, биолошки метод против ракот на костенот. Спомнав веќе дека нашите искуства и резултати се многу позитивни и фитопатолошката лабораторија при Шумарскиот факултет при УКИМ е спремна да одговори на тој предизвик вели Сотировски.

Хиповирулентноста е лек со кој директно се третираат раните и тие набргу потоа заздравуваат, но освен тоа има способност и самата да се распространува и да ги залекува веќе напреднатите рани.

Сотировски објаснува дека за плодовите има поголема побарувачка отколку понуда, не само на домашниот пазар туку и низ цела Европа.

Тој би можел да биде вреден извозен артикл, а освен тоа како суров може да се преработува на многу начини. Треба да се биде само инвентивен. Од друга страна, дрвесината на костенот има одлична цврстина, боја и текстура и ретко кој друг дрвен вид кај нас може да се споредува со него. Освен тоа е медоносно дрво, a е и најдобра суровина за производство на танини. Според тоа, не недостигаат мотиви за да го форсираме овој вид и да ги користиме мноштвото благодети што ги носи, вели Сотировски.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close