fbpx
Вести

На Зелен пазар „живо џабе“, портокал за 20 денари, јаболка за 15

Зелениот пазар е најевтиниот скопски пазар, каде што во текот на неделава рекордно се симнаа цените на јужното овошје, па портокалите се продаваа по 20 денари, мандарините од 20 денари до 50 денари, киви по 40 денари… Од домашното производство, пазарот е сé уште преполн со јаболка, кои може да се купат по 15 денари за килограм, а многу се застапени и оревите за кои сезоната беше одлична, па еден килограм нечистени може да се купи сè уште по цена како и кога се појавија, од 120 до 150 денари, иако вообичаено изминативе години новата цена „скокаше“ околу Нова година и се задржуваше на тоа повисоко ниво.

na zelen pazar zhivo dzabe portokal za 20 denari jabolka za 15

 

Цените низ пазарите не се исти, така што на пазарот Буњаковец не постои цена за јужно овошје од 20 денари за килограм, односно портокалите се продават по 40 денари, мандарините најмалку за 50 денари, а истите сорти јаболка кои на Зелен пазар може да се најдат за 15 денари, тука имаат двојно повисока цена, односно 30 денари за еден килограм.

Блажо Витанов, директор на најголемата компанија за откуп и увоз на овошје и зеленчук во Македонија, „Агрофруктус“, вели дека портокалите и мандарите доаѓаат од Грција, а нашиот сосед имал извонредна сезона и огромно производство.

– Вообичаено е веќе накај март да се намали цената на портокалите. Во овој период се намалува интересот за ова овошје, за разлика од зимата. Од друга страна во Грција има големи количини на портолокали, затоа и цените се ниски – објаснува Витанов.

Што се однесува до јаболката, иако на Зелениот пазар има за 15 денари, на големо продажбата во „Арофруктус“ е со многу блиска цена од 12 до 13 денари за еден килограм на сортата ајдаред, која ја има најмногу.

– Годинава имаше доста јаболки, добар дел се извезе претежно за рускиот пазар, но останаа и количини за домашниот пазар – вели Витанов.

Производителот на јаболка Стевче Радевски,  вели дека цените на јаболката се исти, ниско позиционирани во последните 5-6 години.

– Годинава имаше невообичаено висока побарувачка од странство, но сепак, цените останаа ниски. Тоа кажува за монополската позиција што ја имаат неколкуте откупувачи на јаболка во државава. Такава монополска позиција во однос на формирањето на цените има и од страна на продавачите на ѓубриво и на заштитни средства, така имаме висока цена на производ, а ниска цена на продажба и сето тоа паѓа на нашиот грб – вели Радевски.

На пазарите веќе се појави и раноградинарското производство, но засега, како што објаснуваат пазарџиите, тие се први количини и цените се високи. Доматите и краставиците се продаваат околу 100 денари за килограм, а се појавија и првите увозни јагоди по цена од 160 до 180 денари за килограм. Во „Агрофруктус“, првите ситни оранжериски домати стигнуваат со цена на големо од околу 60 денари за еден килограм, а краставиците се со цена од 70 до 80 денари за килограм.

Годинава, вели Витанов, земјоделците значително го намалиле производството на домати и краставици, а се преориентирале на зелката и на пиперката ајварка. Причина за тоа е високата цена на производство на доматите и на пиперките кои ги прави неконкуренти во однос на увезените.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close