fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Наместо карго аеродром, кај Штип ќе се гради најголемиот агрофотоволтаичен парк на Балканот

Под него може да се садат тикви, красавици и бостан

На обработлива земјоделска површина од 500 хектари државно земјиште, на местото каде што требаше да биде карго аеродромот кај Штип, ќе се гради најголемата агрофотоволтаична централа во Македонија и на Балканот. 270 хектари се во Општина Штип, а 130 ѝ припаѓаат на Општина Свети Николе. Централата треба да биде со капацитет од 360 до 400 мегавати.

Инвестицијата е со вредност од 270 милиони евра и е на француската компанија „Акио енерџи“, а ја најави на 7 декември 2021 тогашниот премиер Зоран Заев.

Претставници на оваа компанија, во присуство на министерот за надворешна трговија на Франција, Оливје Бешт, министерката за животна средина Каја Шукова и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, на самата локација ја презентираа оваа инвестиција.

„Владата го препозна овој голем проект, кој е во согласност со Законот за стратешки инвестиции. Останува само технички да се дозавршат одредени формалности и процедури и да се создадат услови, за да може да се почне со реална имплементација на проектот“, вели Шукова и додава:

„Ова е нешто ново во државата, бидејќи зборуваме за агрофотоволтаици. Значи, под фотоволтаиците, кои ќе бидат инсталирани на поголема височина, се овозможува на тоа земјоште да се одгледуваат одредени земјоделски култури. Се разбира, не може секоја култура, но има култури кои можат да бидат застапени. Компанијата има вакви искуства во повеќе земји во Европа“.

Земјоделски стручњаци од селата Три Чешми, Врсаково, Криви Дол и Мустафино, каде што ќе се простираат агрофотоволтаиците, велат дека на оваа почва и на ова поднебје најдобро виреат тикви, краставици, бостанот и индустриски домати и олеснителна околност е што во нивна близина се системите за наводнување.

Општина Штип го нарече проектот „Стипион“, што асоцира на градот, но сѐ уште не ги доделила неопходните одобренија за градба на својата територија, исто како и Општина Свети Николе.

Шукова и претставниците на француската компанија се надеваат дека формалностите ќе завршат за кратко време и за неколку месеци да почне реализацијата на проектот. Околу локацијата на агрофотоволтаичниот парк во општините Штип и Свети Николе веќе има три парцели со подигнати фотоволтаици на површина од десетици хектари приватно земјиште и тие се во функција од лани. Во тек е изградба на уште три локации со фотоволтаици.

Во јуни 2021, парите кои турската компанија „ТАВ Македонија“ требаше да ги вложи во изградба на кагро аеродром во Штип, се пренаменија за инфраструктурни проекти на општините и со 35 милиони евра се поддржани над 90 проекти.

Како причина зошто Турците не започнаа со изградба на карго аеродром близу Штип, наведени беа силината и правецот на ветрот на тоа подрачје, поради што на тоа место наводно не е можна негова изградба.

Извор https://sdk.mk

Слични написи

Back to top button
Close