вестиМакедонијаТоп вести

Напредок во окрупнување на земјиштето и задругарството, субвенциите се уште врзани само за производството

Северна Македонија останува умерено подготвена во областа на земјоделството и руралниот развој. Постигнат е добар напредок, особено во однос на имплементација на ИПАРД 2, мрежата на податоци за сметководство на фармите (ФАДН), интегрираниот систем на администрација и контрола (ИАЦС), консолидацијата на земјиштето и земјоделските задруги, но директните плаќања и натаму се врзани исклучиво за производството, односно многу малку и за примената на добрите производни практики, оценува Европската комисија во најновиот Годишен извештај за земјава.

Комисијата смета дека Платежната агенција треба да се доекипира и да ги зајакне капацитетите, а недостига кадар и во јавната советодавна служба.

– Годишните буџетски алокации за директните плаќања останаа стабилни, а од 2019 година се воведени и нови: за гориво и за „мали земјоделци”. Бидејќи не беа спроведени сите препораки за 2019 година, земјата треба да се фокусира на донесување стратешки одлуки за раздвојување на директните плаќања, на зајакнување на улогата и капацитетот на Платежната агенција во врска со интегрираната администрација и контрола, како и во однос на искористувањето на ИПАРД 2 средствата, но треба да се посвети и на натамошно институционално и правно усогласување со ЕУ законодавството во делот на заедничката организација на пазарот, стои во Извештајот.

Прогрес е нотиран и во делот на органското земјоделство каде законодавството и контролните тела се воспоставени, но, како што се наведува, потребни се дополнителни напори за да се обезбеди строга контрола и спроведување на дефинираните правила и прописи.

Постигнат е добар напредок и во усогласувањето со европските правила за заедничка организација на пазарот преку подготовка на режими специфични за стоки за млечни производи, овошје, зеленчук и свинско месо. Но, потребни се дополнителни напори за спроведување на натамошните институционални и правни усогласувања со законодавството на ЕУ, особено при препознавање организации и здруженија на земјоделски производители.

– Напредок е сè уште потребен во делот на прилагодување на стратегиите за рурален развој и на усогласување на управувањето и спроведувањето на национална политика за рурален развој со релевантното законодавство на ЕУ. За политиката за квалитет, воспоставено е основното законодавство, но сè уште се потребни напори за нејзино спроведување и контрола, пишува во Извештајот.

Според ЕК, употребата на системот за идентификација на земјишните парцели (ЗПИС) е ограничена на контроли на самото место. Потребни се дополнителни напори за да се заврши законската рамка за пренесување на регистарот на земјоделски производи и системот за идентификација на парцели на Платежната агенција, како и да се финализира софтверот на ИАЦС.

Земјата има добро ниво на подготовка и во областа на безбедноста на храната и ветеринарната политика, особено во делот на контролата врз болестите кај животните.

– Постигнат е добар напредок во мерките за контрола на болести кај животните. Агенцијата за храна и ветеринарство продолжи со вакцинација на лисиците против беснило и говеда против јазлеста кожа. Престана вакцинацијата против класична свинска чума по успешното спроведување на мерките за контрола и искоренување. АХВ продолжи со активности за надградба на мерките за биосигурност на свињарските стопанства, а усвоени се и планови за итни случаи за класична свинска чума, сипаници кај овци и кози и болести на аквакултура.  Националната програма за следење и контрола на остатоците од ветеринарно-медицински препарати, производи и загадувачи кај живи животни и прехранбени производи од животинско потекло, е во согласност со ЕУ законодавство за говеда, овци, свињи, живина, аквакултура, млеко, јајца и мед, оценува ЕК.

Во Извештајот се забележува и дека контролата на кучињата скитници не било правилно управувано во сите општини, но, микрочипирањето при регистрацијата на домашните миленици е веќе стандардна процедура.

извор:24инфо.мк

Слични написи

Back to top button
Close