fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Вучков: Политичарите го третираат земјоделецот како пластелин – го моделираат од избори до избори, а наместо храна, произведуваме бетон!

Ристо Вучков доктор по земјоделски науки

 Македонското земјоделство е на колена, доаѓаат црни денови за земјоделците, вели во разговор за весникот ВЕЧЕР Ристо Вучков, доктор по земјоделски науки од Струмица и некогашен професор на Земјоделскиот факултет во Штип. Потенцира дека денешните политичари не разбираат дека селото и земјоделецот се столбовите на една држава. – Затоа јас велам дека земјоделството е трагедијата на нашето време и доколку не се преземат порадикални мерки во идниот период, многу брзо, за неколку години, Македонија од аграрна ќе стане земја зависничка од увоз на храна. Од нашето осамостојување, па сè до денеска, сведочам дека секојдневно се трансформираат илјадници хектари првокласно земјоделско земјиште во градежно. Наместо храна, на тоа земјиште никнуваат бетонски градби. Наместо храна, „произведуваме“ бетон  – вели за весникот ВЕЧЕР доктор Вучко.

Ви пренесуваме дел од текстот објавен https://www.vecer.press/

Што треба да се направи за земјоделството да застане на нозе, доктор Вучков за весникот ВЕЧЕР вели дека ова е многу комплексно прашање. Најнапред, недостига стратегија за развој на земјоделството, тоа се однесува за целиот период од осамостојувањето на Република Македонија, па сè до ден-денешен. Се менуваат влади и министри, долготрајна стратегија нема, затоа што политиката е длабоко навлезена и во земјоделството. Наместо земјоделците да се обединуваат во здруженија чија цел ќе биде производство на квалитетна храна со примена на сите современи агрохемиски средства, конкурентна и на европскиот пазар, ние имаме ситуација во која земјоделците се делат на тоа кој на која политичка партија ѝ припаѓа.

– Јас сум долги години во аграрот – посочува професорот Вучков – имаме 274 сончеви денови во годината, имаме квалитетна земјоделска почва, имаме трудољубиви земјоделци кои се подготвени да произведуваат квалитетна и еколошка храна, но, за жал, според мене, немаме политичари кои ќе имаат јасна и долготрајна визија и, што е поважно, стратегија како да се развива земјоделството. Тие го третираат земјоделецот како пластелин, го моделираат од избори до избори, од субвенција до субвенција, во трката за изборни гласови.

Втора работа што е загрижувачка е иселувањето на младите од земјава. Лично јас, пред десетици години, имав над 3.000 земјоделски клиенти од општините од југоисточниот регион, на кои им помагав со моите знаење и совети како да дојдат до побогат род, како со квалитет така и количински, додека денеска 2.000 од нив веќе се надвор и произведуваат храна за странските земјоделски компании.

Друга работа, посочува Вучков, е што и покрај големиот број факултети на кои се изучуваат тајните на современото земјоделство, ние во Македонија сè уште „произведуваме“, на тие факултети, такви кадри кои во пракса не може да се справат со современите земјоделски трендови. Со еден збор, ни недостига едуциран кадар. А, доколку се појави квалитетен агроном, странците го забележуваат уште во трета и четврта година и тој, по завршувањето на факултетот, си заминува во странство.

– Трета работа што многу ме засега и ме нервира, може да речам, е тоа што од нашето осамостојување, па сè до денеска, секојдневно се трансформираат илјадници хектари првокласно земјоделско земјиште во градежно. Наместо храна, на тоа земјиште никнуваат бетонски градби. Наместо храна, „произведуваме“ бетон.

И, на крајот, доаѓаме до најгорливиот проблем, кој се повторува секоја година, а тоа е проблемот со откупот на произведената храна. И тука имам решение. Ние имаме повеќе стопански комори, кои во секој момент треба да имаат сознание за целокупното годишно производство на храна во Република Македонија, и уште пред да започне бербата на одредени земјоделски производи, да се најдат пазари на кои ќе се пласираат тие. На пример, ако Струмичко годишно произведува 500 тони зелка, работа на Комората е да најде пласман за тие тони.

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close