Неповратна поддршка за уредување на пазарите во општините

По седум милиони денари или 113.000 евра неповратни средства можат да добијат општините, јавните претпријатија и јавно-приватните партнерства за осовременување на пазарите преку инвестиции во пазарната инфраструктура како што се складишта и опрема за означување или пакување на производите.

Средствата се обезбедени преку Програмата за рурален развој, аплицирањето почнува денеска.

Како што соопшти директорот на Платежната агенција Николче Бабовски, Повикот дозволува секој апликант да поднесе по максимум три поединечни барања за различните мерки: набавка на градежни материјали за конструкција и реконструкција на објекти за прием, подготовка и складирање, опрема за контрола на квалитет на производите, означување и пауквање, изработка на студии, елаборати, планска и градежна документација, како и услуги од трети лица за надзор и изведување на градежните активности.

-Со предвидените средства ќе овозможиме општините да реализираат капитални инвестиции за унапредување на пазарите и подобрување на условите и услугите и за продавачите и за потрошувачите, вклучувајќи ја и хигиената, истакна Бабовски на прес-конференција.

Ова, според директорот, е петта мерка за поддршка на општините. На последниот повик барања за поддршка поднесоа околу десет општини, а средства добија три.

-Интересот е голем. Очекуваме максимална искористеност на средствата. Некои општини ќе побараат два, а некои седум милиони денари, рече Бабовски.

 


 

a1on

Share Button