fbpx
ВестиТоп вести

Намалување на земјоделските површини, а зголемување на овоштарниците покажува извештајот на МЗШВ

 

Според податоците од ДЗС, земјоделското земјиште (обработливи површини и пасишта ) во 2017 година зафаќа околу 1.266 илјади хектари или 49% од вкупната површина, шумите се протегаат на околу 38% а останатите 13% припаѓаат на водната и останата површина.

Скоро една половина од земјоделското земјиште е обработливо, а другата половина се пасишта. Најголем удел во површината под ораници и бавчи имаат житата засеани на вкупна површина од 167.683 хектари или околу 32,5% од обработливите површини во 2016 година.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2017 година, во споредба со 2016, земјоделските површини се намалени за 0,1%.Кај обработливата површина зголемување е забележано кај овоштарниците за 2,5%, кај лозјата за 0,4% и кај ливадите за 0,8%.Намалување е забележано кај ораниците и бавчите и кај пасиштата за 0,2%. Во 2017 година, во споредба со 2016, производството бележи намалување кај сите посеви и овошје. Вкупната површина на земјоделско земјиште во 2017 година изнесува 1.266 илјади хектари од која обработливата површина опфаќа 517 илјади хектари, што претставува 49% од вкупното земјоделско земјиште.Пасиштата заземаат околу 59% или 748 илјади хектари од вкупното земјоделско земјиште. Најголем удел во обработливата површина имаат ораниците и бавчите со учество од 81%.

Од податоците на ДЗС може да се види дека од вкупниот број класификувани земјоделски стопанства, 49,6% се класификувани во првата класа – до 2000 евра, 19,7% се класифицирани во втората класа од 2.000 до 4.000 евра, 16,5% во третата класа – од 4.000 до 8.000 евра и 9,1% во четврта класа – од 8.000 до 15.000 евра.

Се помал е бројот на земјоделски стопанства кои се класифицирани во повисоките класи, што и реално ја претставува сликата на земјоделските стопанства во Република Македонија кои во најголем број се ситни, мали и некомерцијални, а многу мал е бројот на големи земјоделски стопанства

Градинарските производи имаат најзначајно учество во вредноста на земјоделското производство. Вкупната вредност на градинарските култури во 2016 година изнесува 27.445 милиони денари и учествува со 34% во вкупната вредност на земјоделското производство во однос на вредноста на градинарското производство во 2015 година (28.931 милиони денари).

Во 2016 година забележано е раст од 13,9% на вредноста на производството на фуражни растенија (6.564 милиони денари) во однос на 2015 година (5.762 милиони денари) и истото учествува со 8,2% во вкупната вредност на земјоделското производство во 2016 година. Растот од 9,7 % е забележан кај житни култури (6.355 милиони денари) во вкупна вредност на земјоделско производство и кај индустриски растенија за 3,9% (6.564 милиони денари) во споредба со вредноста на градинарското производство во 2015 година.

 

Во структурата на засеаната површина под ораници и бавчи од околу 277.070 ха во 2017 година, 58% отпаѓа на житни култури, 19% на градинарските култури, 14% на фуражните култури и 9% на индустриските култури, што кажува дека во споредба со 2016 година намалување на засеани површини има кај житни култури за 3,8% или за 3.777 ха и кај градинарски култури за 0,3% или 168 ха. Зголемувањето на засеани површини е кај индустриските посеви за 10% или 2.169 ха и кај фуражни посеви за 1,6% или 616 ха во споредба со 2016 година.

 

Житни култури

Житните култури во 2017 година се застапени на 161.289 ха, што претставува 31% од обработливите површини или околу 39% од површините под ораници и бавчи. Површините под житни култури во 2017 година се намалени за 6.934 ха или за околу 3,8% во споредба со 2016 година.

Пченицата е најзастапена култура со 72.965 ха, или околу 42% од засеаните површини под житни култури и тренд на намалување од 8,7% или за околу 6.933 ха во споредба со производната 2016 година.

Втора по значење житна култура е јачменот кој е застапен на околу 43.973 ха, што претставува 27% од површините под житни култури. Површините под јачмен покажуваат зголемување од околу 2.463 ха, со истовремено намалено производство од околу 35% во споредба со 2016 година. Намаленото производство на јачмен во 2017 година се должи на намаленото просечно производство по хектар од околу 1,4 тони/ха, што претставува намалување од околу 39%, што е резултат на неповолните агро метеоролошки услови за производство на јачмен во производната 2017 година.

Пченката како житна култура е застапена на 31.429 ха или 19% од површините под житни култури, со тренд на зголемување на површините за 346 ха или за 1,1% во споредба со 2016 година. Производството од 120.156 тони, претставува намалување за 23.667 тони или 16% во споредба со 2016 година. Намаленото производство на пченка се должи на намаленото просечно производство за 0,80 т/ха или 17% во споредба со 2016 година.

Фуражни култури

 

Фуражните култури се засеани на површини од 39.631 ха или 9,5% од површините под ораници и бавчи, а најзастапени се во сточарско-развиените подрачја. Недостатокот од фуражни култури и добиточна храна (а оттука и нивната висока цена) е еден од главните ограничувачки фактори за развој на сточарството што негативно се одразува на трошковната структура на производството на месо и млеко.

Фуражните култури во 2017 година опфаќаат само 14% од засеаната површина во земјата што претставува многу ниско учество за разлика од земјите со развиено сточарско производство, каде овој удел изнесува околу 40%. Една од причините за ваквата состојба е недостатокот од доволно обработливо земјоделско земјиште по сточарска фарма и раситнетото и фрагментирано фуражно производство.

Површините под фуражни култури во 2017 година бележат зголемување за 616 ха или за околу 1,6% во споредба со 2016 година.

 

З.Б.

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close