fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Од понеделник ќе почне полнењето на нивите во Кочанско за сеидба на оризот

– Во моментот во браната Калиманци се акумулирани 103 милиони кубни метри вода, а просечниот доток од реката Брегалница е четири кубни метри во секунда, со што се обезбедени близу 90 отсто од максималниот капацитет на акумулацијата, истакна Благојчо Богатинов, раководител на водостопанската подружница „Брегалница“.

На почетокот на идната недела ќе бидат зафатени проточните води од реките во кочанскиот регион, по што ќе започне полнењето на нивите пред почетокот на овогодишната сеидба на оризот.

Од водостопанската подружница „Брегалница“ во Кочани истакнуваат дека состојбата со акумулациите од хидросистемот е исклучително поволна, дотокот на вода од речните притоки е стабилен што ќе овозможи навремен старт на сезоната за наводнување во целиот источен регион.

– Во моментот во браната Калиманци се акумулирани 103 милиони кубни метри вода, а просечниот доток од реката Брегалница е четири кубни метри во секунда, со што се обезбедени близу 90 отсто од максималниот капацитет на акумулацијата. Со оглед што на дел од околните планински врвови сè уште има снег, очекуваме дополнителен прилив на вода, а превентивно се испушта извесна количина за да се овозможи прифаќање на зголемен доток. Во план е водата за наводнување во оризовите ниви да се пушти в понеделник, односно по верскиот празник Благовец, што е повеќегодишна традиција во кочанскиот регион, истакна Благојчо Богатинов, раководител на водостопанската подружница „Брегалница“.

Во првите две недели за полнење на оризовите ниви ќе се користат проточните води од реките, а кон крајот на април во каналите ќе биде пуштена водата од акумулацијата Калиманци.

Работници и механизација на водстопанското претпријатие и понатаму се ангажирани на расчистување и обновување на каналската мрежа, а досега се исчистени околу 200 километри канали и вади во атарите на четирите општини во кочанскиот оризопроизводен регион.

Планот за наводнување е комплетиран и со ориз ќе бидат засеани над 3.700 хектари. Новина е што по неколкугодишен застој повторно ќе бидат опфатени и околу 200 хектари оризови ниви во катастарската општина Оризари.

МИА

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close