fbpx
Агро бизнисВестиЕкологијаМакедонијаТоп вести

Павел Милановски-Земјодeлците се мои суперхерои

Младиот уметник Павел Милановски од Куманово победник на глобалниот натпревар на ФАО

Павел Милановски(14) од Куманово, ја освои првата награда на глобалниот натпревар на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) за постер кој им оддава признание на земјоделците како херои на храната, по повод Светскиот ден на храната во 2020 година.
На сликата е прикажан фармер со плашт на грбот и со вила во раката, како на зајдисонце ги надгледува своите ниви со богат род од зеленчук и овошје. Херојот од сликата е Томе, земјоделец, од кумановското село Доброшане, роднина на Павел каде неговите родители редовно купувале храна.


Кога професорот по ликовно воспитување му предложил да учествува на натпреварот на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации тој без двоумење го прифатил предизвикот и за само неколку часа на компјутер ја изработил сликата на неговиот херој – производител на домашна храна кој со своите вредни раце обработува земјата и одгледува добиток.


-Кога бев мал со родителите одевме кај дедо Томе секој викенд за да купиме млечни производи, сирење, млеко, зеленчук и овошје. Тогаш не ми беше јасно зошто еден стар човек вложува толку труд во неговото производство кога има толку достапна и евтина храна во маркетите. Ми беше жал за неговите грижи и маки, но сега ми е јасно дека доколку ја немаше неговата нива јас никогаш немаше да пробам природна здрава храна. Тој за мене е вистински херој и сликата е направена во негова чест. Неговите производи се неспоредливи со оние што ги купуваме во маркетите. Затоа овие луѓе треба да ги почитуваме и да им ја дадеме сета поддршка, вели Павел.

Тој апелира до сите луѓе да не го поценуваме трудот на земјоделците туку напротив да го наградат. Да ги купуваме нивните производи за тие да можат убаво  да живеат од својот труд.
-Земјодлеците се наши суперхерои и единствена врска со природата. Тие заслужуваат подобро место во општеството, а јас преку овој постер им оддавам признание за се што прават за нас, – вели Павел.
Тој ја освои наградата во категоријата од 13-15 години, во силна конкуренција на деца и млади ширум светот. Милановски има освоено награди и на неколку други национални и меѓународни уметнички натпревари на теми поврзани со руралниот живот, одржливото живеење и грижата за животната средина. Желба на ова талентирано момче е да го продолжи школувањето во средното уметничко улиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, а потоа на факултет.


-Овој успех ми значи многу. Ме мотивира да продолжам понатаму да цртам и да се надградувам. Планирам да се запишам во  средното уметничко училиште и тоа да биде моја професионалана определба. Досега имам освоено повеќе награди а ќе ги извојам највредните пет награди на национало ниво, три први и две трети места, како и трите интернационални награди, – вели Павел.

Павел Милановски е ученик во деветто одделение во Основното училиште „Кочо Рацин“ во Куманово и има безрезервна поддршка од своето семејство и наставниците во надградба на неговиот талент.
Оваа година Светскиот ден на храната се одбележа со глобален повик да им се заблагодариме на хероите на храната – земјоделците и работниците низ целиот синџир на снабдување со храна кои, без оглед на околностите, обезбедуваат храна за нашите заедници и пошироко.

Сузана Николиќ за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close