„Печурката на бесмртноста“ се одгледува во Струмица

Семејството Белмезови од Струмица веќе седум години се занимава со одгледување на таканаречената „печурка на бесмртноста“ – реиши (Ganoderma Lucidum). Во специјализирана одгледувачница, со компјутерски надзор, на прекрасната и чиста планина Беласица во селото Колешино, со чиста изворска вода, тие ја произведуваат оваа несекојдневна печурка, која долго време во минатото била храна на азиските цареви. Таа има извонредни лековити својства. Процесот за одгледување е скап и долг.

– Реиши почнав да одгледувам од мака, а не од бизнис… Приказната е долга и имаше среќен крај. Сакам да напоменам дека дел од оваа моја работа е и мисија. Помагам колку што можам, но од нешто мора и да се живее. Производниот процес е многу скап и тежок. Супстратот се состои од неколку видови на струготина во комбинација со житарки, но никогаш нема да се откажам од производство на овој „дијамант“ на печурките, бидејки јас лично, а и моето семејство, не можеме без неа. Со редовно користење на печурката реиши гарантирам здраво и витално тело. Таа печурка е адаптоген и луѓе заболени од тешки болести ја користат оваа милост на природата. Печуркава е многу добра и за здравите, за зајакнување на имунитетот, и секако како превентива против рак и тешки болести. Тоа е така бидејќи реиши има 98 проценти идентичен генетски код со човекот. Дел од нејзиниот одбранбен систем, кој таа го создава, човечкиот организам го нема и затоа таа е само добар ветер во грб на нашиот имунолошкиот систем – објаснува Мите Белмезов.

Од лани, Белмезови покрај буковката и печурката реиши, ја одгледуваат и познатата печурка шитаке, која исто така се одгледува на богати супстрати од житарки и дабова пелевина со извонредна нутритивна и лековита вредност.

– Оваа печурка е многу популарна во Македонија, особено во Скопје, каде што ја пласираме низ маркетите како свеж производ – вели Мите.

Реиши, инаку позната како ганодерма, во традиционалната кинеска медицина се користи повеќе од 2000 години, а денес официјално се користи во модерната кинеската медицина како третман против рак. Бројни студии ја испитувале нејзината многу барана анти-канцерогена моќ и нејзините имуно-зголемувачки својства. Во текст објавен во весникот на Националната академија на науките (PNAS) во САД, тим од тамошни научници веќе работат на истражување и употреба во модерната медицина на печурката реиши како убиец на канцерогените клетки. Тим, пак, од Тајванскиот истражувачки центар на академијата СИНИКА покажа дека F3 полисахариди, еден вид јаглени хидрати, кои ги има во печурката реиши, може да произведе антитела, да ги препознае и да ги убие антигените поврзани со туморите или клетките на ракот. Во Кина, печурката реиши одамна се користи редовно дневно како превентива против рак.

Во моментов Белмезови имаат засеано околу 3.000 вреќички со реиши. Лани и оваа година со своето производство се претставија на саеми во Грција и Италија, а голема помош имале од Одделението за меѓународна соработка и европски фондови при Oпштина Струмица.

Share Button