fbpx
Лов и риболов

Плашица (белвиче, плашка) – Alburnus sp.

Опис и распространетост
Белвичето, или плашицата во минатото беше дефинирана како Alburnus alburnus и опишана како риба со широко распространување во Европа.

Според новата систематизација, некогаш опишаните подвидови на видот A.alburnus сега се издигнати на ниво на посебни видови така да денес за водите во Република Македонија разликуваме повеќе видови на плашица. Плашицата која живее во водите на Вардарскиот слив а со тоа и во реката Брегалница е дефинирана како S.thessalicus.
Разликувањето и дефинирањето на видовата припадност на вака опишаните видови е сложен процес и бара искуство и пракса. Од аспект на рекреативен риболов и на ниво на рекреативни риболовци доволно е да се познава припадноста на родот, без при тоа да се навлегува до одредување на специфичниот вид. И описот кој е подолу даден е општ и не навлегува во спецификите на определениот вид.
Телото е издолжено, странично сплеснато, покриено со лушпи кои лесно отпаѓаат. Грбот и е темно зелен до темно плав, а страните и стомакот и се сребрено бели со седефаст сјај. Устата е терминална и свртена нагоре. Окото е релативно големо.

Основни биолошки карактеристики

Полово созрева во третата година од животот, на должина од 7- 8 см. Се мрести порционо во долг временски интервал, од мај до јули па и во август, во плитка вода. Плодноста на женката се движи од 3.000 до 15.000 икри. Икрата е леплива и се прицврстува за ситна песок, чакал и растителна подлога. Ембрионалниот развој е краток и трае 4 – 5 дена. Просечната големина која ја достигнува белвицата изнесува 12 – 15 см. Максималната големина изнесува до 20 см и тежина од 50 грама.
Живее и во стагнантни олиготрофни но и еутрофни екосистеми, а и во проточни екосистеми, главно во средните и долните текови на реките. Живее во големи и помали јата и главно се задржува во горните слоеви на водата. Во реките се задржува во помирниот дел на коритото, позади некоја препрека од трева, гранки, камења и слично. Основна храна на плашката е зоопланктонот. Исто така се храни и со инсекти
што паѓаат во водата, кукли од хирономиди и со други без „рбетници, но и со растителна храна.

Значење
Во риболовните подрачја (Охридско, Преспанско, Дојранско Езеро и акумулациите во кои се изведува стопански риболов) плашицата има стопанско значење и се изловува со мрежи за на пазар. Во риболовните ревири и рекреативните зони има огромно значење како објект на рекреативен и спортски риболов. Особено е значајна за спортски риболов и претставува основна риба која се лови на спортските натпревари. Месото од белвицата е вкусно и барано на пазарот.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close