fbpx
ВестиМакедонија

Поради доцнење на петтиот пакет мерки 10,7 отсто од работодавачите не исплатиле плата за февруари

Ваквиот показател во голема мера се должи и на доцнењето на петтиот сет мерки кој е заглавен во собраниска процедура.

Дури 10,7 отсто од работодавачите не исплатиле плата за февруари, изјави денес на прес конференција директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.

„Во однос на неисплатени плати во февруари, од 63.948 прифатени МПИ пресметки, 6.888 работодавачи немаат исплатено плата. Односно тоа е 10,7 проценти“, рече Лукаревска, одговарајќи на новинарско прашање.

Иако директно не посочи, сепак, ваквиот показател во голема мера се должи и на доцнењето на петтиот сет мерки кој е заглавен во собраниска процедура.

Лукаревска нагласи дека УЈП е подготвена за петтиот пакет економски мерки, особено во делот на процедурата за аплицирање на финансиската поддршка за исплата на плати.

„Секако ќе известиме како ќе оди целиот процес, затоа што предлог законското решение се однесуваше за февруари и за март кои што веќе завршија“, рече таа.

Лукаревска нагласи дека ќе се направат соодвети известувања за сите чекори како да се врши аплицирањето од страна на компаниите и на самостојните вршители на дејност, со тоа што ќе треба да се направат одредени промени односно корекции на самите МПИ пресметки со соодветна шифра.

„Во делот на оние компании кои што немаат исплатено плата од претходно земената помош, дали станува збор за првиот или за вториот пакет мерки, со последната состојба која што ја имаме од 1 април годинава станува збор за 133 работодавачи на кои што им била одобрена финансиска поддршка, а немаат исплатено плата за некој од овие месеци“, рече Лукаревска.

Таа објасни дека вкупно станува збор за 161 МПИ пресметка, односно 110 работодавачи не исплатиле плата за еден месец, 18 за два месеци и пет работодавачи немаат исплатено плата за три месеци.

„Врз основа на тоа, сите мерки кои што ги имаме во Законот за даночна постапка и во делот на спроведување на присилна наплата се преземени. Кај дел заедно со Државниот инспекторат за труд направивме контроли, секој во својата надлежност, а започнати се контроли и кај другите работодавачи кои што направиле злоупотреба во месец декември“, рече Лукаревска.https://nezavisen.mk/poradi-docnenje-na-pettiot-paket-merki-107-otsto-od-rabotodavachite-ne-isplatile-plata-za-fevruari/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close