fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Сезоната за наводнување во Штипско тече со многу проблеми

Суша е, без вода што ќе биде, што понатаму да планираме, изгоре пченката, луцерката се што посадивме и посеавме, веќе нема спас, се жалат земјоделци.

Наводнителната сезона во Штипскиот Регион тече со многу проблеми. На мака се ставени земјоделците кои знаат дека без вода ќе нема производство. Дефект на каналската мрежа еден месец ги остави земјоделците од Долни Балван без капка вода на нивите. Револтирани од состојбата барајќи спас велат дојде јуни, наводнувањето почна, а ние немаме видено капка вода се’ се исуши и секоја година е вака со проблеми – се пожалија земјоделците од селото кои вината ја лоцираа во неажурноста на водостопанското претпријатие во Свети Николе.

-Суша е, без вода што ќе биде, што понатаму да планираме, изгоре пченката, луцерката се што посадивме и посеавме, веќе нема спас, вели Ѓорѓи Гоцевски. Причината поради која нивите на овие земјоделци ги остави жедни е дефект на каналската мрежа за кој велат долго чекале да се поправи. За ископината на нива во атарот на селото тврдат дека е ископана уште лани.

-Оваа дупка е ископана уште ланската година, есента и ден денес уште не е направена. Не знам што е проблемот. Водостопанство да даде одговор – зошто се уште не е направена и зошто немаме вода, рече Ангел Зарков, земјоделец од ова село кој произведува пченица и луцерка на 10 хектари.

Дефектот е саниран, информираа од Подрачна единица на Министерството за земјоделство Во Свети Николе.

-Радарската служба пријави дека е скршена цевката, а немавме резервни делови и набавивме од Валандово. Најдовме и спојки т.н. муфови, но не успеавме да ја поставиме. Од оваа цевка само половина село добива вода, информираше Дејан Серафимов од Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Свети Николе од каде се ангажирани за решавање на проблемот. По санирањето на овој дефект водата во мрежата повторно секна. Овој пат багер кој работи на патот што се прави од Штип кон Кочани направил штета на цевка.

-Нема притисок се мачиме, повторно на иста мака сме ставени се пожалија земјоделците од Балван.

Без наводнување неизвесно ќе биде производството на околу 400 хектари во плодното Балванско Поле. Земјоделците велат дека се во незавидна состојба бидејќи егзистираат само од земјоделие. Се пожалија дека надлежните доаѓаат само за наплата, а договори за наводнување се склучувале во септември кога завршувала наводнителната сезона, за да не тужат.

Не смееме да должиме, извршители ќе ни тропаат на врата да платиме за наводнување кое ние не сме го имале како што треба – децидни се овдешните земјоделци. Дали проблемите со наводнувањето ќе станат минато или голготата ќе им продолжи и понатаму зависи од новото раководство во водостопанското претпријатие, каде се чека на назначување на нов директор, за што како што информираа од подрачната единица треба да се случи по изборите. Друга е приказната за оризопроизводителите од Крупиште. За доцното засејување и штетите велат ќе бараат одговорност.

Јулија Малинова

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close