fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Со визија и упорност Дени милк од мала мандра прерасна во успешна млекарница

Со вистински луѓе во вистинско време на вистинско место и добра организација се постигнува сè, ова е формулата за успех на Дејан Трајчев од Кочани кој веќе 14 години управува со млекарницата Дени милк. Во време кога се намалува интересот за работа во сточарството тој упорно работи и се надева дека еден ден во составот на млекарницата ќе функционира и модерна фарма.

Што е полесно,да се раководи фирма со 25 вработени, да се одгледува стока или пак да се обработува земја и да се одгледува ориз, култура која што најдобро успева во кочанскиот регион? По сè изгледа дека за личност која израснала со земјоделие и која има работни навики, а на кого земјоделието му е хоби, ништо не  му е тешко.

-Со вистински луѓе во вистинско време на вистинско место и добра организација се постигнува сè, започна да ја раскажува својата приказна Дејан, кој e успешен  пример за сите млади кои сакаат да почнат свој бизнис.

Од свои 18 години работи во млекарница. Почнал од обичен работник, за денес да е управител на сопствена млекара – Дени милк Кочани. Првичната замисла од пред 14 години, од мала мандра од стотина квадрати  со неколку вработени и едно возило денес е млекарница на 1000 метри квадратни, со 25 вработени и 10 возила.

– Моментално работиме со капацитет од 9 тони млеко  дневно, кое го откупуваме од  околу 150 кооперанти. Сопствено производство на млеко немаме  и затоа вршиме откуп на сирово  кравјо, овчо и козјо млеко. Од него произведуваме кравји и мешан овчи кашкавал, кравјо и мешано овчо сирење, козји кашкавал, урда. Нашиот реон е многу  послаб со млеко. Одгледувањето на стока оставено е на најупорните, младите го избегнуваат млекопроизводството. За разлика под Пелагонискиот регион, овде млеко има многу малку така што со конкуренцијата за сега добро се справуваме. Доволно млеко никогаш не е, ама  со солидни цени кон кооперантите функционираме. Имаме квалитетно млеко за кое исплата правиме на 15 дена два пати во месецот. Им излегуваме во пресрет на нивни барања и им помагаме доколку имаат финансиска потреба од типот да го зголемат своето стадо или сл., објаснува Трајчев.

Квалитетот на млекото е  добар што овозможува да се произведе квалитетен производ  што од друга страна им овозможува да се одржат на пазарот. За сега произведените количини се доволни да бидат присутни во помалите маркети скоро низ цела Македонија. Во идните планови зацртани се  желбите за зголемување на производството и влегување во големите маркети низ државата, а можеби и изградба на сопствена фарма.

 

-Визиите секогаш се да одиме напред, да можеме да дојдеме  до големи количини и на млеко и на готови производи, Имавме идеја за сопствена фарма и да се донесат крави, ама нема работници, нема кој да работи на фармата. Младите се помалку сакаат да чуваат стока, помладите генерации избегнуваат, но не знам ќе видиме. Не ги отфрлам плановите за изградба на фарма, ама кога ќе дојде време, вели Дејан.

Не му е непозната работата околу стока, бидејќи во местото од каде што потекнува с. Соколарци 80% од населението се занимава со сточарство. Неговиот татко уште се занимава со земјоделие, а Дејан го следи. На земјоделието гледа како на хоби на кое  му се посветува по завршувањето на работното време во млекарницата. За него тоа е релаксација и психички одмор.

-Татко ми е 73 години и уште работи, јас му помагам. Неодамна купивме трактор Џон Дир, затоа што сме свесни дека без механизација не може да се постигнат добри резултати. Не е едноставно ама стигнувам да помогнам, кога се сака, сè се може. После работа преминувам на земјоделие за да се  релаксирам и психички одморам.  За оризот овде има секогаш иднина, вели тој.

Времињата се сменети. Порано орале со волови, немале механизација, немале услови, за разлика од денес кога има модерна механизација со што се бележат успеси во приносите. Последните години производството, како што вели, е зголемено за 50%. Сега државата дава и субвенции и цената горе долу е реална спрема она што го работат. Вели дека не треба секогаш да се потпираат на државата.

-Да се бара секогаш сè од државата мислам дека  не е фер. Реално од државата немам ништо земено, се бориме сами со сопствени сили и инвестиции. За сега немам аплицирано на ниту една мерка од постоечките програми, но не значи дека во иднина нема да се обидам. Поинаку функционирам,  сè што ми треба сакам во моментот да го решам. Ако треба некоја машина , бараме нешто поволно за да можеме веднаш да го користиме, а не да чекаме неколку месеци. Во моите визии имам зацртано некои работи што чинат многу и треба поголема инвестиција, размислувам, можеби ќе аплицирам, но кога ќе дојде моментот.  Не се срамам од работа,  полека полека, чекор по чекор , се обидуваме во млекарницата  да држиме една средина. Сите заедно функционираме како една фамилија. Задоволен сум од вработените и мислам дека и тие се задоволни од мене.

Со Вистински луѓе во вистинско време на вистинско место и добра организација се постигнува сè, го завршивме разговорот со ДејанТрајчев.

Павлина Јовановска

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close