вестиМакедонијаТоп вести

Tрговците ги ажурираат македонските производи: На секој производ ќе има стикер – да се знае што е што

Во продавниците сѐ уште нема обележани гондоли-рафтови со ознака „Купувам домашно“, но интерните активности се во тек. Трговците, а не производителите, ќе бидат задолжени за јасно обележување на домашните производи, кои ќе може да се купуваат со картичките со пари од државата. Софтверите за фискалните сметки нема да се менуваат, бидејќи во нив и досега јасно се издвојува прометот од домашните производи. Со оглед на фактот дека во големите марките има илјадници производи, тие нема да се групираат на една гондола, туку на секоја ќе стои стикер или индикатор за домашното потекло на тој производ. Маркетите се на готовс, чекаат инструкции од своите дирекции. И граѓаните ги чекаат своите картички, а некои од нив се интересирале по дуќаните. Картичката ќе се користи за купување македонски производи и услуги во ресторани, кафулиња, брза достава, хотели, одморалишта, сместувачки капацитети, туристички агенции, трговија на мало, продавници за храна и пијалаци, зелени пазари, аптеки и фризерски салони и салони за разубавување. Со картичката може да се плаќаат македонски производи и услуги на физички и онлајн локации на деловни субјекти што вршат одредените дејности, но не може да се вади готовина од банкомат, да се плаќа надвор од земјата, да се префрлаат средства кон други сметки.

– При крај сме со прибирањето податоци од производните фирми, контактираме со нив, за да може прецизно да се утврди кои се домашни производи. Бидејќи во еден маркет има огромен број вакви артикли, невозможно е да се врши преуредување, па затоа ќе се оди на нивно јасно обележување на рафтовите на кои стојат. До почетокот на овој проект, малопродажбата ќе биде целосно подготвена – велат во дирекцијата на „Рамстор“.

И во другите големи маркети чекаат инструкции, некои веќе знаат како сето тоа ќе изгледа, но неофицијално. Сепак се децидни, дека нема шанси да ги наредат сите македонски производи на една гондола, бидејќи тоа ќе бара големо прередување, па затоа таквите артикли ќе си останат на старите места, но ќе бидат јасно обележани.

Инаку, граѓаните кои ќе купуваат домашен производ, при скенирање на сметките за поврат на ДДВ наместо 15 проценти отсега ќе добиваат 20 отсто. Ова е утврдено со владина уредба, во насока на поттикнување на купување на македонски производи за ревитализирање на македонската економија. За странските производи, пак, со уредбата повратот се намалува од 15 проценти на 10 проценти, повторно во насока на стимулирање на купување на домашно производство.

Дел од експертите за проектот „Да купуваме домашно“, веќе посочија дека тоа е своевиден „економски патриотизам“, но сега е видоизменет. Медиумската кампања „Купувајте македонски производи“, за првпат се појави во есента 1999 година. Таа отвори широка дебата во домашните кругови, но како и да е, го зголеми интересот на македонските граѓани за македонските производи. Во екот на корона-кризата во светот, многу земји промовираа слични вакви проекти, со цел да се поттикне економијата и да се сочуваат работните места.

Околу 10.000 граѓани веќе добиле картички

До крајот на неделата се очекува да се дистрибуираат околу 100.000 картички од банките до корисниците на домашните платежни картички со пари од државата, а веќе 10.000 граѓани ги имаат добиено картичките и можат да ги користат, рече министерката за финансии Нина Ангеловска во гостување на „Утрински брифинг“ за Слободна ТВ.

Лицата што се опфатени со уредбата, а кои поради техничка грешка ги нема на листата, ќе можат да поднесат приговор до денеска.

-За време на викендот е одговорено на повеќе од 1.000 граѓани што поднеле приговори. Се работи за дистрибуирани мејлови до соодветните институции – рече Ангеловска.


 

slobodenpecat.mk

Слични написи

Back to top button
Close